Германските министерки за надворешни работи и за внатрешни работи, Аналена Бербок и Ненси Фезер денеска го посетија пограничниот регион меѓу Турција и Сирија погоден од земјотресот и ветија континуирана германска поддршка за напорите за помош и обнова, само еден ден откако два нови земјотреси го погодија регионот.
„Нашето сочувство не се исцрпува со зборови и нема да се намали кога катастрофата и нејзините последици ќе бидат заменети со други наслови“, вети Бербок за време на заедничката посета на југоисточна Турција со министерката Фезер.
Фезер, од друга страна, му порача на регионот да смета на „длабоката солидарност“ на Германија во соочувањето со десетици илјади жртви.
„На преживеаните, кои изгубија сè, итно им требаат засолништа отпорни на зимата“, рече Фезер пред посетата.
Германија испрати значителни количини помош во регионот, сакајќи да ја поддржи земјата од која потекнува турската дијаспора, најголемата во Германија.
Досега во Турција се испорачани над 340 тони помош доставени со 20 летови. Германското воздухопловство денеска требаше да пренесе уште 13 тони залихи во Турција, вклучувајќи 100 шатори, 400 душеци и повеќе од 1.000 вреќи за спиење.
Два силни земјотреси ги погодија југоисточна Турција и северна Сирија на 6 февруари. Повеќе од 47.000 луѓе загинаа во катастрофата, а повеќе од 41.000 само во Турција.
Ден пред посетата на двајцата министри, се случија уште два земјотреси со јачина од 6,4 и 5,8 степени. Според извештаите, три лица загинале, а над 200 луѓе се повредени во потресите во тој регион веќе погоден од катастрофа.
Бербок и Фезер ќе го посетат градот Газиантеп, во близина на епицентарот на разорните земјотреси, и ќе се сретнат со хуманитарните работници и невладините организации кои работат во Турција и Сирија.