Бугарија треба да дозволи преговори на земјава со ЕУ без условување со внесување на Бугарите во Уставот.
Ова го истакна Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките на завршната конференција: „Демистифицирање на (не)соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“, во организација на Евротинк, што се одржа денеска во Скопје.
Атанасов смета дека впишувањето на Бугарите во Уставот е апсолутно бесмислена работа, односно и со и без него Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија во ЕУ.
Ако погледнеме историски, вели Атанасов, и двете страни аргументираат за историски тези.
„Ако погледнеме на историските личности, Гоце, Даме, тие сакале на Осоговските Планини да нема граници, тие сакале Деве Баир и Ѓуешево да бидат само две села и ништо повеќе и меѓу нив да се минува слободно. Бидејќи ние сме различни, но доволно блиски. Она што го можат Италијанците, Шпанците и Французите, зошто да не го можеме и ние, Бугарите и Македонците“, рече Атанасов.
За односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во моментов, историчарот вели дека тие се на дното, а за тоа придонесоа иницијативите за отварање на т.н. културни клубови во двете земји.
„Се покажа дека клубовите се искористија како средство за провокација. За жал, ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна започна кампањата на провокации, Македонија одговори, што исто така не е во ред, но односите во моментов можеби се на дното. Оттука натаму од нас зависи да започнеме да ги подобруваме“, изјави Атанасов.
Додаде дека од двете страни на границата има политички субјекти, партии и институции, во чијшто интерес е односите да бидат се’ полоши. На чело на кампањата во Бугарија во последно време, вели тој, за жал одново застана бугарскиот претседател, Румен Радев. Сепак, како што кажа, вината е и од двете страни на границата, па за тоа неопходно е да се демонстрира зрелост и капацитет за подобрување на односите меѓу двете држави.