За македонско-бугарските односи во овој момент не може да се употреби квалификацијата добри или лоши. Тие се такви какви што се уште од времето на потпишувањето на преговарачката рамка, па и малку од пред тоа. Но, генерално се одвиваат по два паралелени колосеци, со извесен дизбаланс во јавниот дискурс.
Имено, официјална Софија непрекинато се занимава со нас, официјално Скопје не се занимава со нив.
Таму Пендиков сè уште им е милениче, како претставник на македонските Бугари, но не проопуштаат да се борат за секој друг „Бугарин“ надвор од бугарската држава, барајќи ги по Косово и Албанија.
При тоа официјална Софија, поради политичките прилики во земјата, подолг временски период ја претставува претседателот Румен Радев и неговата заменичка Јотова, потоа кој знае која по ред привремена Влада со политички амбиции и чат- пат некои „андрграунд“ европски политичари со слични сфаќања за Македонија и Македонците, од кои официјална Софија наводно се оградува.
Но, настрана тоа. Она што треба да се појасни е дека бугарские власти во својата кампања за (или против) Македонија ги ставаат на купче правата на македонските Бугари и обврската за внес на Бугарите како дел од бугарскиот народ во преамбулата на македонскиот Устав.
Тие две работи треба да се рзграничат, затоа што во јавниот дискурс се прави какафонија.
Сите полемизираат на наметнатата тема – правата на македонските Бугари, барајќи реципроцитет за Македонците во Бугарија, за клубовите и здруженијата со провокативни имиња од историјата, а всушност Македонија има само една обврска која произлегува од преговарачката рамка.
Од наша официјална страна страна нема никакви провокации, ниту говор на омраза, туку обиди да се смират тензиите. Во овој комплекс не влегуваат бурните реакции на поединци, групи граѓани и и попалени медиуми желни за кавга и докажување на чија страна е вистината, при тоа сите вооружени со скромени познавања стекнати во основно училиште.
Ваквиот дискурс во домашната јавност е предизвикан пред сè од провокациите од другата страна, но во огромна мерка и од страна на ВМРО-ДПМНЕ кое делува како продолжена рака на официјална Софија и ја подгрева атмосферата, таман во прилог на Радев и компанијата за да имаат штоф да се жалат пред Брисел и да се закануваат со вето.
Ова покажува дека таму и власта и опозицијата и јавноста се унисони во настојувањата Македонија да биде ставена на еден колосек кој води само преку Бугарија во Европа.
Засега, македонската власт со европска дипломатија многу вешто ја избегнува замката, бајпасирајќи ги бугарските провокации, туркајќи ја својата европска агенда.
Токму овој дипломатски триаголник што го овозможува Преговарачката рамка најмногу ја иритира Бугарија, која до извесен степен го изгуби монополот врз судбината на Македонија и затоа се чуствува заобиколена, токму од своите европски партнери.
Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, пред неколку денови усвои резолуцијата за малцинствата во Македонија, со која се потврдува дека не се точни обвинувањата од Софија дека во земјава се врши системска дискриминација врз малцинството.
Сепак, бугарскиот претседател Румен Радев не се откажува од намерата да го отвори прашањето за зголемената агресија и антибугарската кампања која, според него, се води во Македонија. Тој додаде дека ќе побара од ЕУ да воведе мониторинг за да се гарантира почитувањето на правата на македонските Бугари.
Софија бара да се префрли мониторингот од Советот на Европа, од каде, вообичаено Европската Унија ги превзема нивните оценки – во посебни механизми на ЕУ, каде што поради членството во ЕУ тие имаат привилигирана улога.
Одговор од ЕУ засега нема, но за одбележување е дека по тет а тет средба Радев – Макрон во Брисел, кабинетот на претседателот на Француската Република, објави писмо кое, токму Макрон нуди поддршка за Македонија на патот кон ЕУ.
Македонската дипломатија ја научи лекцијата дека доколу остане само на билатерална комуникација со Бугарија, никогаш нема да успее во намерите да мрдне напред на европскиот пат. Кој тоа не го гледа, се прави политички слеп при очи.
Оттаму, чисто замајување на јавноста се тезите дека можело или дека допрва може да се постигне подобра преговараччка позиција со Бугарија. Тие кои тоа го заговараат, имаа време од десетина години, но не го направија.
Затоа сега чекаат од заседа да заврши скринингот, знаејќи дека веднаш потоа Македонија ја чекаат обврските од договорот за промена на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата.
Таму, како две митски суштества, Сцила и Харибда, најнемакедонската партија ВМРО-ДПМНЕ и бугарската антимакеднска политичка гарнитура, стојат надвиснати за да се удавиме.
Првите од злоба и желба за власт по секоја цена, вторите од познатите великобугарски апетити.
Така здружени можат да направат чуда и македонскиот народ меѓународно да го изолираат до степен сите млади да избегаат од државата.
Останатите ќе ги затворат во шише со тапа од каде нема излез за полека да скапуваат од внатре, додека тие „ќе се борат“ за неивна слобода и достоинствено умирање.
Оттаму власта нема друга опција освен што поскоро да го започне процесот на сенародно договарање. Со сите заедно и со секој одделно. Опозицијата заедно или делови од неа ќе имаат историска одговорност да одлучат што е доброто за овој народ и држава.
Сегашниот состав на народните избраници, не смее да дозволат да се најде во ситуација во која беа нивни колеги во еден претходен собраниски состав, кога беа заблудени од тогашното водство на партијата, за подоцна да сфатат дека грешеле. Секој одлучува во свое име, а носи одговорност за цел народ. За своите блиски, за оние што ги познава и за оние кои не ги познава, за оние што се родени и кои допрва треба да се родат.
Не е партијата пред сè, туку државата.
Пишува: Љубиша НИКОЛОВСКИ
Извор: racin.mk