Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе бара одговорност од виновниците за повеќе од 40.000 жртви во разорните земјотреси што го погодија југот на Турција.
„Наша должност е да ги изведеме криминалците пред лицето на правдата, пред законот“, рече Ердоган за време на посетата на јужната провинција Османија, пренесе Ројтерс.
Во разорните земјотреси на 6 февруари во Турција и Сирија загинаа повеќе од 47.000 луѓе, а издадени се повеќе од 100 налози за апсење во врска со изградбата на зградите кои се урнаа во земјотресот поради, како што се верува, недостаток на безбедносни стандарди.
Турскиот потпретседател Фуат Октај изјави дека досега се идентификувани 131 лице во синџирот на одговорност за несовесно градење.