Британскиот аналитичар за одбрана и безбедност Мајкл Кларк во интервју за „Sky News“ го коментираше денешниот говор на Владимир Путин за состојбата на нацијата, кој траеше речиси два часа. Во него Путин ги обвини Западот и Киев дека ја започнале војната, а на крајот од говорот најави суспензија на учеството на Русија во договорот за контрола на нуклеарното оружје.
Кларк наведува дека рускиот претседател „одел до крај“ во својот говор, додавајќи дека „не оставил ни трошка простор за дипломатија“. Тој наведува дека 70-годишниот руски лидер смета дека војната во Украина е „дел од војната што Западот ја води против Русија за да ја уништи“.
„Путин рече дека Русија се обидела да преговара, но Западот секогаш имал своја тајна агенда“, рече Кларк и додаде: „За него ова е почеток на третата светска војна“. Тој објасни дека руската инвазија на Украина не оди онака како што ја замислил Путин, поради што рускиот народ сега мора да трпи поголеми жртви од очекуваното.
„Тие жртви може да се оправдаат само ако оваа војна е нешто поголемо од војната во Украина и затоа стана војна за опстанок“, рече тој.