Како што наведуваат неколку медиуми, повикувајќи се на извори од Основното јавно обвинителство, до надлежниот суд доставен е Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Во информациите од ОЈО околу образложението на случајот, лесно се воочува дека станува збор за неодамнешниот јавен настап на новинарот Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров.
„Двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување.
Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан. По наредба на јавен обвинител, Секторот за компјутерски криминал при МВР го документираше и го обезбеди наведениот поткаст и целокупниот доказен материјал кој ги потврдува елементите на кривичното дело“ стои во информациите од ОЈО.
Согласно членот на Законот, доколку бидат најдени за виновни, обвинетите може да се соочат со казна затвор од една до пет години.
Како мерки на претпазливост, ОЈО бара одземање на патната исправа на првообвинетиот, како и забрана за јавен настап на двајцата обвинети.