Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе одржи говор во Федералното собрание, каде ќе се обрати до нацијата и светот. Се очекува тој да ги претстави своите цели за втората година од инвазијата на Украина, објави „Гардијан“.
Путин ќе ја информира руската политичка и воена елита за состојбата на „специјалната воена операција“ во Украина, а многумина очекуваат да ги слушнат неговите планови во наредната година.
Обраќањето доаѓа во многу симболичен момент, речиси една година откако Путин го објави почетокот на инвазијата на Украина.
„ Во таков клучен и многу комплициран момент во нашиот развој, во нашите животи, сите чекаат порака со надеж дека ќе слушнат проценка за она што се случува, оценка за специјална воена операција – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Путин, исто така, ќе даде своја анализа за меѓународната ситуација и ќе ја претстави својата визија за развојот на Русија по воведувањето на западните санкции, соопшти Кремљ.
Говорот ќе започне во 10 часот по средноевропско време.
Кремљ, исто така, планира да одржи славенички концерт на стадионот Лужники подоцна во текот на денот, а потоа да свика вонредна седница на Думата и Советот на Федерацијата во среда.