Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, остварија работна средба со Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Н. Е. Метју Лосон и со претставници од Министерството за внатрешни работи на Обединетото Кралство, предводени од Крис Мофит, Помошник директор во МВР на Обединетото Кралство, одговорен за националната политика на Обединетото Кралство и меѓународна размена на кривични пресуди, придружуван од Грем Валас, заменик менаџер за деловен развој и проекти во Канцеларијата за криминалистичка евиденција ACRO, како и новиот Втор секретар за политика и безбедност Крис Фристон.
Министерот Спасовски посакувајќи им добредојде на колегите од Обединетото Кралство истакна дека Република Северна Македонија ја препознава важноста од интензивна полициска соработка и ефикасна и ефективна размена на информации.
Истакнувајќи ја добрата соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, министерот Спасовски рече:
„Во рамките на досегашното тековно работење, соработката се одвива преку размена на оперативни информации, податоци и сознанија односно постапување по упатени барања за различни видови проверки во сите форми на организиран криминал. Во таа насока би го издвоил сузбивањето на криминалните трендови како компјутерскиот криминал, трговијата со луѓе, илегалната миграција и трговијата со дрога”, рече министерот Спасовски.
На средбата стана збор за иницијативата за преговарање и склучување билатерален договор за размена на криминални досиеја, односно за нацрт Меморандум испратен преку Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, за што министерот Спасовски истакна:
„Предлог Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи на РСМ и Министерството за внатрешни работи на Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со споделување на информации за криминални досиеја за државјани на Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во отсуство на друга правна рамка за размена на информации и криминална досиеја е одличен начин за формализирање на нашата натамошна билатерална соработка во делот на размена на криминални досиеја за државјани на двете земји”, рече министерот Спасовски.
Експертската група од Обединетото Кралство ќе продолжи со реализација на работни средби со претставници на Секторот за меѓународна соработка, Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за криминалистичка техника и вештачење, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал/ Секторот за криминалистички истраги, ОКП, ОКРА.