Јанаки Митревски: Латас може да си дозволи таков кикс, тој под политички притисок беше тргнат од ТВ

“Имав еден другар, не можеше да има секс ако не ги исшамара прво убаво. За секој случај. И еднаш ме зимаат во едно замаглено фичо, и сиротињава внатре стуткана цела, и другаров ми вика ајде работи. И ја покушавам.” Ова не е вовед во евтин македонски порно филм туку издание на еден од поткастите на македонски јутјубер, изречено од еден од најпознатите новинари кај нас, Драган Павловиќ Латас.

Да биде потрагично искажаното е проследено со смеење од Латас, и со зелено смеење од Лазаров, а можеби и восхит, што знам. “ И ти ја шамараше хахахах?” восклисна младиот надежен јутјубер. Демек мангупи. Видеото за наводното силување кое се случило пред четириесет години ги запали социјалните мрежи, во најголем дел со негативни реакции кај јавноста.

Го изгледав видеото, но и цел тој дел, а не само селектираното за да добијам вистинска слика бидејки е факт дека со видеа лесно може да се манипулира. Точно е дека Павловиќ никаде изричито не кажува дека односот бил на сила. Но кажаното дека на другар му не му се дигал ако не ги тепа пред секс, па цела била стуткана сиротињата, проследено со зелено смеење на обајцата како и да го вртиме, колку и да сум свесен дека кај НВО-ата Латас како главен нивни хајкач од времето на Грујо е омразен, звучи гнусно.

И наместо Лазаров да застане за секунда и да рече чекај Лаки дај да појасниш да не излезе дека си имал односи на сила, истиот восхитен од Латас продолжи да си се смее. Пеки. По лавината реакции напиша статус, кој го споделив бидејки до смрт ќе верувам дека треба да се слушнат сите страни. Не поддржувал силување, лошо бил разбран, но смета дека се води хајка против него затоа што сакале да го уништат. Од завист, бил успешен.

Кога се прави една таква грешка, која можеби е и резултат на неискуство, се работи на damage control. Извинување, не знам извадено од контекст, немав зла намера, длабоко се извинувам итн. Наместо тоа младиот инфлуенсер, очигледно фасциниран до Латас го копи пејстира ( ама баш до збор) на Латас статусот. Тоа биле нашмркани лажни борци, кои сакале да ни сменат пол, име, да наметнат родител 1 и 2.

ДЕЧКО СМАЊИ ДОЖИВЈАЈ

Овој очаен обид да се привлече поддршка Лазаров не ни знае да го презентира како што тоа знае да го направи Латас години наназад. И на крај се знае кој е кај нас најлесниот метод за добивање поддршка- патриот сум и затоа ме напаѓаат. Меѓу другото ова е и една од причините зашто тој збор не е дел од мојот вокабулар. Лазаров продолжува со инста сториња “структури што ја уништувале Македонија сакале да го уништат, ама тој бил силен и ќе победел” Да ја цитирам Данела, дечко смањи доживјај.

Латас е Латас и сите добро го знаеме и кој е и што правел. На крај на кариера е, под политички притисок тргнат од ТВ и на негови валда шеесетина години можеби и може да си дозволи ваков кикс, иако нема доблест да рече едно- лошо се изразив. Но младиов и надежен јутјубер, кој немаше храброст на Латас да му се пика во фаца како на некој си Тале од Велес вака е лошо влијание за публиката составена воглавном од деца и ја нормализира реториката “што мајка барала напред да седне во такси”.

Да бидам искрен до крај, јутјубери, инфлуенсери, реалити ѕвезди за мене е се тоа за во отпад, сепак сум од некои други генерации каде постоеа вредности, се стануваше на постар во бус, се пропуштаа бремени жени. Но немам против да направи брдо пари без разлика дали тоа мене ми се допаѓа или не, крајно не морате да го гледате. Но да се нормализира хахаха на такви прикаски е вон памет, сите имаме мајки, жени и ќерки.

Реакциите доведоа и допрва ќе доведат дo тоа да му откажуваат спонзорите кои патем зависат од публиката која им ги купува производите. Кожувчанка веќе бараше да се тргне логото, ама младиов надежен и тоа не го тера да стави прст на чело туку пак бара некакви си структури. Секогаш на сите мои приправници сум им велел да не се плашат од грешки бидејки така се учи и да гледаат да не ги повторуваат. Е сега со инка на никој не можеш да ми туриш и мене ми е искрено жал, затоа и покрај тоа што немам високо мислење за таа квази професија, поддржувам амбициозни и успешни луѓе кои си го реализираат тоа што го сакаат.

Но жално е што Лазаров вероајтно и трие раце( се дур не го удри по џеб) затоа што се води од Боки 13 школата нема лош публицитет. А ние нашите синови да ги учиме дека жена, ако тоа го сака, се шамара при секс, а не пред секс!

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Извор: Фокус.мк

Треба да знаете
Последни објави