Полска е подготвена целосно да ја затвори границата со Белорусија, изјави заменик министерот за надворешни работи на Полска Павел Јаблонски во програмата на „Полското радио“, пренесува Спутник.
„Ако постои таква потреба, особено мотивирана од безбедносни прашања, тогаш ние сме секако подготвени. Сепак, тоа ќе го анализираме како што се развиваат настаните“, рече Јаблонски на прашањето дали Полска е подготвена целосно да ја затвори границата со Белорусија.
Тој негира дека одлуките за затворање на границите се политички мотивирани.
„Ние не носиме такви одлуки само врз основа на политички фактори. Разбираме дека има превозници и стоки што може да се превезат преку граница и тие го користат тоа. Но ако нашите анализи покажат дека има поголема опасност за безбедноста, тогаш може да се носат такви одлуки“, рече заменик министерот.
Претходно беше најавено дека Полска од 19 часот ќе го затвори граничниот премин за товарен сообраќај на последниот активен граничен премин со Белорусија, Кукурики-Козловичи.
Минатата недела на иницијатива на полските власти беше затворен полско-белорускиот граничен премин Бобровники.