Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на безбедносната конференција во Минхен за Си-Ен-Ен изјави дека никој не знае кога ќе заврши војната во Украина, но дека нема знаци дека рускиот претседател Владимир Путин ги променил своите амбиции.
„Го гледаме спротивното. Путин не планира мир, тој планира уште војна“, рече Столтенберг.
Столтенберг, посочувајќи на борбите во Бахмут во источна Украина, рече дека Русите веќе започнуваат офанзивни операции.
„Тешко е да се каже дали тоа е голема офанзива или тоа е само еден вид увертира за голема офанзива. Но, таму пристигнуваат се повеќе руски војници и оружје. Русија се обидува да компензира за лошата опрема и логистика со повеќе војници. Се чини како фрлање бранови луѓе на линијата на одбраната, што е вид на борба која не е видена уште од Првата светска војна. Ако не се грижите толку за животите на луѓето, тогаш само фрлате сè повеќе од нив во борба. Ако сакаме Украина да надвладее како суверена нација и ако сакаме мирно решение утре, тогаш треба да и дадеме воена поддршка денес. Ефективноста на преговорите зависи од силата на бојното поле“, изјави шефот на НАТО за Си-Ен-Ен.