САД ја уништија архитектурата на светската стабилност, со тоа што престанаа да ги почитуваат своите обврски и ги отфрлија руските предлози за глобална безбедност, изјави денеска претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин.
Тој рече дека кога станува збор за безбедноста на Русија и нејзиниот народ, употребата на јазикот на ултиматум со Москва не е прифатлива, пренесува ТАСС.
Володин на Телеграм напиша дека „Државната дума на Русија денеска ја разгледува иницијативата на Владимир Путин за суспендирање на Руско-американскиот договор за мерки за натамошно намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје“.
„Со одбивањето да ги почитуваат своите обврски и отфрлајќи ги предлозите на нашата земја за глобална стабилност, САД ја уништија архитектурата на глобалната стабилност“, додаде Володин.
Тој посочи дека сегашната ситуација е резултат на надворешната политика на Вашингтон.
Членовите на американскиот Конгрес треба да ја разберат ситуацијата за која е виновен Бајден, како и нејзините потенцијални последици“, заклучи претседателот на рускиот парламент.