Високиот кинески дипломат Ванг Ји и секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев се согласија за време на состанокот во Москва дека мирот и стабилноста во азиско-пацифичкиот регион треба да бидат цврсто поддржани и се спротивставија на враќањето на „менталитетот“ на Студената војна, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Ванг, инаку директор на Канцеларијата на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК) и член на Политбирото на Централниот комитет на КПК, се сретна со лидерите на кинеско-рускиот стратешки безбедносен советодавен механизам и Патрушев, со кои разговарал за начините за подобрување на глобалното владеење, се наведува во соопштението на кинеското Министерство.
За време на средбата биле разменети мислења за ситуацијата во Украина, додаваат од Министерството, без да наведат детали.
Двете страни ја изразиле својата подготвеност заеднички да практикуваат „вистински мултилатерализам, спротивставувајќи се на сите форми на еднострано насилство и промовирајќи ја демократизацијата на меѓународните односи и мултиполаризацијата на светот“.
Ванг денеска треба да се сретне и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека не ја исклучува можноста Ванг да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Ванг вчера пристигна во посета на Москва.