Лидерот на албанската опозициска Партија на слободата и поранешен претседател, Илир Мета, денеска беше на распит во Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, јави Топ чанел.
Според истиот извор, Мета три часа давал објаснувања за досието ЧЕЗ, кое го отвори во април минатата година, а кое и понатаму „ги загрозува поранешните високи функционери“.
Убеден дека истрагата е политичка, Илир Мета тврди дека нема никаква врска со ова прашање.
-ЧЕЗ е прашање на правдата, нема врска со Илир Мета, ниту ЧЕЗ имаше некаква корист, напротив јас бев против приватизацијата. Тие (СПАК) ги поврзуваат прашањата со порталите, не се вознемирувам, ниту се грижам, кога и да имам официјална покана ќе дојдам. Илир Мета нема врска, тоа се случи во времето кога Илир Мета не беше министер за економија и немаше врска со ЧЕЗ. Но, чекаме поважни работи, а тоа е мојот фалсификуван потпис во процесот против мене како претседател на Републиката и јас си помислив дека ме повикаа околу ова прашање, изјавил Мета.
Случајот, се однесува на приватизација на албанската Електродистрибуција на чешката компанија ЧЕЗ а потоа еднострано поништување на договорот, што причини штета на албанската држава во износ од пет милиони евра.
Чешката електроенергетска компанија на албанскиот пазар влезе во мај 2009 година, со купување на 76 проценти од акциите на албанската електродистрибуција, а останатите 24 проценти останаа во сопственост на албанската држава. Но, владата на Сали Бериша, по неколку години договорот еднострано го раскина, со образложение дека чешката компанија работи на штета на потрошувачите. По смена на власта, кабинетот на премиерот Еди Рама, во 2013 година ја оцени како „голема грешка“ одлуката за одземање на лиценцата на чешката компанија.
Медиумите потсетуваат дека во средината на јануари 2011 година Мета, кој тогаш беше коалициски партнер во владата на демократите, се повлекол од функциите вицепремиер и министер за економија и енергетика, по објавувањето на снимка на која е и неговиот претходник Дритан Прифти, за поткуп во областа на енергетиката, што наводно го бара Мета. Без да ги почека резултатите од истрагата, Бериша рече дека видеото е фабрикувано од политичките противници, и ги нападна медиумите и програмските уредници на телевизијата Топ ченел, која ја објави снимката.
Инаку, освен за ЧЕЗ според медиумите против Мета (54), кој претседател на Албанија беше до 24 јули минатата година, во јуни минатата година пријава поднесол поранешниот пратеник Халит Валтери за перење пари и прикривање на сопственоста на зградата на партијата Движење за социјалистичка интеграција, сега Партија на слободата.
Исто така, СПАК почнал кривична постапка за лобирање во САД со 670 илјади американски долари непријавени пари на Илир Мета и Моника Круемади, врз основа на пријава поднесена исто така од Валтери. Уште една кривична постапка, поведена по пријава на адвокатот Идајет Беќири, е регистрирана за извршени естетски услуги од страна на Мета и неговата сопруга Моника Круемади во клиника во Сан Марино и Австрија со непријавени пари.