Семејствата на жртвите од терористичкиот напад на 11 септември 2001 година не можат да ги добијат замрзнатите средства на Централната банка на Авганистан на име компензација, одлучи федерален американски судија во Њујорк.
Станува збор за 3,5 милијарди долари чувани во американската централна банка (ФЕД), кои беа замрзнати на 15 август 2021 година, кога талибанците влегоа во Кабул и ја соборија авганистанската влада, поддржана од Вашингтон.
Семејствата на жртвите од нападите на 11 септември, кои претходно го добија судскиот процес против талибанците, бараат запленување на замрзнатите средства за да го наплатат износот што им се должи според судската одлука. Судијата Џорџ Даниелс од Окружниот суд во Њујорк, сепак, пресуди дека федералните судови немаат надлежност да ги одземат средствата.