Денеска, директорката на Фондот за здравствено осигурување одржа брифинг за медиуми, после кој даде куса изјава за јавност. Ви ја пренесуваме изјавата во целост:
Ви благодарам за присуството најпрво на денешниот брифинг, разговаравме детално за случувањата поврзани со сајбер нападот на ФЗО и токму затоа јас ќе бидам кратка во моето излагање, бидејќи сум сигурна дека деталите ќе ги пренесете до граѓаните прецизно и јасно.
Би сакала да започнам најпрво со благодарница, и тоа до сите инволвирани во решавањето на предизвиците од сабјер нападот и тука пред се мислам на ИТ тимот, на инженерите, кои деноноќно и посветено работеа и успеаја да ги вратат функциите на системот во рекордно време. Велам рекордно бидејќи статистички, на многу поразвиени земји, просечно им требале 20тина дена за да ги вратат функционалностите. И тоа сметам дека не е мала работа и затоа и го напоменувам.
Воедно сакам да се заблагодарам и на сите вработени во Фондот и во Центалата и во Подрачните служби, на сите партнери, здравствени установи, здравствените работници, аптекарите, други државни институции кои интензивно соработуваа со нас и сите останати без кои немаше да биде можно да се реализираат преодните решенија со кои обезбедивме непречено остварување на здравствените права на граѓаните изминативе две недели. И ова го сметам за огромен успех и за одличен позитивен пример за партнерско делување, во интерес на граѓаните.
И најважно од сѐ, благодарност до граѓаните и до вас медиумите за сето трпение и разбирање што го покажавте при справувањето со напад кој нѐ засега сите нас, но и за поддршката која ја дадовте за да се справиме и да го надминеме овој предизвик од кој верувам излегуваме сите посилни и поотпорни.
Ќе започнам од утврдените факти, а тоа е дека на 06.02 во Фондот е забележан технички проблем поради кој се исклучени сите системи и повикан е тим за првична дијагностика. Инцидентот е пријавен првенствено во МВР а јавноста веднаш беше известена дека имаме проблем кој се обидуваме да го дијагностицираме. Веднаш штом се утврди од страна на ИТ експертите дека станува збор за сајбер напад, јавноста беше известена, а сите расположиви ИТ капацитети беа ангажирани со цел да се врати системот во функција. Морам да посочам дека имавме огромна поддршка од партнерските европски земји, работеа деноноќно експертите и целиот овој предизвик го надминавме заеднички, со успешна приказна.
Најважната работа која треба да се спомене тука е дека според сите анализи на ИТ експертите, нема одлевање на податоците на граѓаните. Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации. Но, сакам да повторам, здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации.
Ги споменав преодните решенија. Вработените во Фондот работеа неуморно овие две недели за да ги создадат условите за тие преодни решенија додека да се реши проблемот, се со цел на ниеден граѓанин да не му биде ускратено правото на здравствена заштита. Тоа значеше дека и вработените, но и на граѓаните и здравствените работници мораа да поминат низ неколки чекори плус, но брзата реакција на сите чинители, овозможи граѓаните практично да немаат застој во остварувањето на правата.
Сите покажаа разбирање за сериозноста на проблемот со кој се соочивме и токму заради тоа разбирање успеавме да го надминеме проблемот за две недели, што како што напоменав е исклучително брз период.
Она што за нас беше приоритет беше граѓаните да не претрпат штета заради нападот, и мислам дека во тоа успеавме, системот е вратен во функција, платите, боледувањата, породолното, сѐ е исплатено. Во моментов, Фондот работи на внес на заостанатите информации од овие две недели, после кој внес веројатно ќе можеме да направиме и подетална анализа и процена.
Накратко би се осврнала на уште две работи кои верувам ја интересираат јавноста.
Прво, во однос на Ревизорскиот извештај за кој имаше и најмногу шпекулции и недоречености, сакам да посочам дека Фондот, има постапено по точките од истиот и дека ги има преземено сите потребни чекори за понатмошна заштита од вакви напади. Одговорното работење во интерес на граѓаните е наш и мој приоритет.
И второ
Ние како земја не сме по ништо исклучителни во вакви напади кои се интензивираат после војната во Украина а со која трети страни целат да направат хаос во државниот систем и предизвикуваат паника и немир кај граѓаните. Сајбер нападите се случуваат и ќе се случуваат. Хибридното војување не е ново, буквално сите земји во светот се соочуваат со сајбер напади, и затоа овој период сме посветени на јакнење на нашата отпорност, работејќи и со други земји и стратешки партнери.