Германскиот бундеслигаш Ред Бул Лајпциг и англискиот премиерлигаш Манчестер сити ремизираа (1:1), а италијанскиот Интер ја искорист предноста на домашниот терен против португалскиот Порто (1:0) во првите натпревари од осминафиналните двомечи во фудбалската Лига на шампионите.
Манчестер сити беше подобар противник во првиот дел и домаќинот мораше да биде среќен што со само минимална негатива го почна второто полувреме на „Ред бул“ арената. Водство за избраниците на Пеп Гвардиола донесе Ријад Марез со убав погодок во 27. минута од натпреварот.
Во вториот дел домашниот состав заигра далеку подобро, а одличната игра ја круниса со израмнувачки погодок на хрватскиот интернационалец Јошко Гвардиол во 70. минута.
Во вториот натпревар од вечерашната понуда на „Џузепе Меаца“ Интер со погодокот на Ромелу Лукаку го совлада Порто. Иако домаќините беа подобар противник не успеаја да го начнат голот на Португалците се додека не останаа со играч повеќе. Гостите останаа со играч помалку откако втор жолт картон доби Отавио во 78. минута по еден старт над Хакан Чалханоглу. Победа за „нероаѕурите“ донесе Ромелу Лукаку кој влезе во второто полувреме, а погоди за минимална предност пред реваншот во 86. минута.