Претставници на надлежните државни институции од Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Косово денеска ќе се запознаат со искуствата, добрите практики и предизвиците во досегашното петгодишно спроведување на програмата „Гаранција за млади во Северна Македонија“, информира Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Најавени се обраќања на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски, како и директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати.
– На настанот ќе бидат презентирани и искуствата од неколку земји во Европската Унија за начинот на функционирање на нивните системи за идентификација, вклучување и индивидуална поддршка на младите луѓе, кои предвремено го напуштиле образованието, се исклучени од пазарот на труд, или не се опфатени со програмите за обуки, се наведува во соопштението.
Настанот се одржува во рамки на поддршката што ја обезбедува Меѓународната организација на трудот, преку Инструментот за техничка поддршка на ЕУ/МОТ за „Гаранција за млади“.