По усвојувањето на новите програми наменети за поддршка на малите производители на храна и пијалаци од страна на Владата, преку Програмата за финасиска поддршка на мали производители на храна, овозможена е поддршка во форма на неповратен грант до 600.000 денари за поддршка во набавка на опрема за производство, пакување и продажба од праг.
„Наша цел е преку оваа програма да мотивираме нови 2.000 земјоделци, кои веќе произведуваат некаков традиционален производ, да се регистрираат во АХВ и легално да можат да го вршат производството, но и продабжата на истиот производ развивајќи го концептот за продажба од праг или фарма. Оваа програма е креирана по примерот на програмата за мали семејни винарии, што се покажа како многу успешна приказна, која ни потенцираше дека има многу мали семејни производители кои се заинтересирани да го шират бизнисот, но им треба финансиска поддршка од државата. По успешноста на програмата за поддршка на малите семејни винарии, со новата програма одиме чекор понатаму и ги поддржуваме малите производители на храна“ вели министерот Николовски. Корисници на средствата можат да бидат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) во МЗШВ и кои се регистрирани или евидентирани како оператори со храна, од животинско или неживотинско потекло согласно Правилнииците за отстапувања од посебните мерки за хигиена за малите бизниси, начинот и барањата што треба да ги исполнат при директно снабдување со храна од страна на производител до краен потрошувач, условите за просториите, материјалите, инструментите и опремата во објектите кои произведуваат, како и начинот на производство на храна со традиционални карактеристики. Прифатливи трошоци по корисник се трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка и преработка на примарни земјоделски производи) и/или трошоци за ангажирање на стручно лице (технолог за производство на храна), кои што не надминуваат 10% од вкупниот износ од висината на финансиската поддршка по корисник.
Алијанса Премиум обединува 18 мали производители кои со цел поголема видливост на пазарот пред една година решиле да се здружат и да ги пласираат своите производи под брендот „Премиум”.
Според Александар Димитриевски од „Алијанса Премиум“, државната поддршка е многу важна за да не дојде до поскапување на производите, но и за да се задржи квалитетот.
-Државната поддршка за маркетинг, пласман и логистика на нашите премиум производи ни значи многу за да ја задржиме цената, односно да не дојде до нејзино енормно зголемување. Ние сме увозно ориентирана земја, доаѓаат поскапа амбалажа и поскапи етикети со што варира и цената од лани до сега. Затоа, државната поддршка ќе ни овозможи да бидеме во компаративна предност, да не ги покачиме цените на сталажите, да останат исти и квалитетот да се задржи. Поддршката е воедно и апел до оние што продаваат „од праг“, да се приклучат на „Премиум алијансата“ за да допрат до одредени грантови и групни промоции за полесна продажба, рече Димитриевски.
Палетата на Премиум производите содржи природно ладно цедено сончогледово масло, намаз од афион со сончогледов путер, ладно цедено масло од бело афионово семе, охридско макало со магданос, доматно макало со лук, сецкан сушен домат, ладно цеден сок од аронија, ладно цеден сок од аронија и грозје, ладно цеден сок од аронија и јаболко, органски путер од лешник со мед и какао, кралски крем, путер од лешник и мед, органски шумски мед, органски шумски мед со полен, органски чаеви, слатко од зелени смокви, гемиџиски ајвар, тартуф, балсамиран оцет од модри сливи и јаболков оцет, како и гроздов маџун, но и има и козметичка линија со повеќе видови рачно изработени природони сапуни. Овие производи се стопроцентно природни, добиени исклучиво од наши, македонски суровини и се речиси двојно поевтини од увезените во нивен ранг, а можат многу лесно да се препознаат, бидејќи се наредени на посебни дрвени полици, специјално направени за оваа намена.
Според Димитриевски, откако компаниите почнале да настапуваат заеднички, забележале зголемување на продажбата. Моделот беше препознаен како уникатен и поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во продолжение погледнете го разговорот со претседателот на Алијанса премиум, Александар Димитриевски, кој објаснува зошто е добро да се биде член на Алијанса премиум.