Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање истакна дека дури и во услови на економска и енергетска криза Буџетот за култура не е намален.
„Буџетот на министерството за култура не се состои само од проекти кои што се финансираат како авторски проекти во државата со години, туку се состои и од други дискрециони и недискрециони издатоци во однос на работењето на раководството на министерството.
Со колективниот договор кој што е потпишан во Министерството за култура, платите се покачени за исклучително висок износ во однос на други плати во другите сектори, тој колективен договор беше предмет и на јавна дискусија, предмет на преговори помеѓу Министерството за култура, економскиот тим на Владата, синдикатот и на крајот на денот ќе имаме сигурно некакво решение во однос на истиот, но сепак буџетот мораше да предвиди зголемени трошоци во однос на платите за вработените во култура, особено во деловите на култура кои што се однесуваат на уметноста”, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека предвидени се голем број на вложувања кои се однесуваа на заштитата на македонскиот јазик, на дигитализацијата на толковниот речник и навистина тоа е еден успех кој што е успех на државата. Исто така заштита на културното наследство е нешто што навистина на високо ниво е издигнато во овој Буџет за 2023 година и веќе се работи на неколку значајни проекти.
„Меѓу овие проекти е изградбата на Центарот за македонски јазик во селото Љубојно кое што е практично второто училиште во кое што се изучувал македонскиот јазик во државата и кое што конечно по завршувањето на административните процедури буџетот е определен и веќе се изработува документацијата потребна за распишување на оглас за избор на проектант. Црквата во Курбиново која што има непроценливо богатство на икони од кои што едната е дел од мотивите на денарот кое што е наше платежно средство, исто така се работи со голем интензитет бидејќи тоа претставува големо културно наследство кое што треба да биде заштитено на вистински начин. Оваа година ќе бидат реновирани и сите споменици и спомен обележја од НОБ, тоа е веќе ставено во буџетот, вие знаете дека овие споменици се во надлежност на општините, но со оглед на тоа дека се работи за споменици кои што се од државно значење во комуникација со општините и по обезбедувањето на сите потребни документи и согласности државата ќе го финансира реконструирањето на достоинствен начин на сите споменици од НОБ во текот на 2023 година”, рече Ковачевски.