Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека за поздравување се најавите на Регулаторната комисија за енергетика дека се прават анализи за воведување на евтина дневна тарифа на струјата и потенцираше дека ваквите можности се отвораат со зголеменото производство на струја.
„Од први јануари годинава до осми февруари ЕСМ има произведено над 720 илјади мегават часови електрична енергија, што е за 40 % повеќе од лани истиот период. Според официјалните извештаи од месец јануари, за првпат во после 15 години, од вкупните потреби на електрична енергија во државата, дури 87% се обезбедени од домашните производствени капацитети, додека само 13% се обезбедени од увоз. Просекот порано беше 30 до 35% електрична енергија да биде од увоз, сега е само 13%.
АД ЕСМ ги има вклучено сите државни капацитети за производство на енергија, како што се трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, како и двете гасни електрани во Скопје.
Цената за граѓаните е стабилна, покачување нема, додека евтина цена на струја имаат училишта, прехранбениот сектор и главните институции кои што даваат здравствени услуги на граѓаните.
Со навремени интервенции и мерки, како Влада покажавме дека можеме да се носиме со енергетската криза, без при тоа да имаме ценовни шокови кај основните прехранбени производи и струјата. Во 2022 година пак беа произведени 27 отсто повеќе струја отколку во 2021 година, а оваа години растот е проектиран на дополнителни 20% што се потврди како изводлив во месец јануари оваа година”, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот истакна дека ефектот од зголеменото производство на струја, но и навремените мерки за субвенционирање на струјата за компаниите се гледа веќе и во малопродажбата, но и го потврдува последниот извештај на Државниот пазарен инспекторат за спроведените контроли.
„Од инспекциските надзори извршени во период од денот на донесување на Одлуката, на крајот на месец октомври 2022 година може да се констатира дека производителите, увозниците и трговците на мало и големо се придржуваат на највисоката утврдена маржа од 5% и 10% на производите наведени во Одлуката. Исто така, врз основа на мерките на Владата на Северна Македонија, забележителен е трендот на намалување на цените на основните прехранбени производи.
Според она што го кажа министерот за економија секојдневно се следи движењето на цените на основните прехранбени производи особено кај производителите кои што добиваат субвенционирана цена на електрична енергија, и доколку кај некој од нив се утврди дека нема намалување на цените се реагира преку пазарниот инспекторат и потоа ќе бидат преземани нормално дополнителни мерки, но кај голем број производители цените се намалени во просек за 10% кај основните прехранбени производи.
Намалување на цените на одредени производи (сончогледово масло за јадење Бисер од 113 денари на 97, бел леб од 40 денари на 35 – 32 денари зависно од типот, македонски ориз од 66 ден на 64 денари.
Одлуката се почитува маржа од 5% има кај овие продукти лебот, шеќерот и маслото, како и 10% во останатите продукти спомнати во одлуката како млекото шпагетите, јогуртот и друго. Намалени се цените на лебот кај пекарите, кај маркетите намалени цените на прехранбените и млечните производи и маржата се почитува според одлуката. Од денот на донесување на Одлуката 07.10.2022 година забележување е намалување на цените на Масло за јадење (од 21 до 46 денари) по литар, зависно од типот на производот и производителот:
- Млеко – 2 – 5 денари по 1 литар;
- Јогурт – од 7 до 14 денари по 1 литар;
- Павлака од 8 до 9 денари;
- Леб од 1 до 5 денари, и истите во зависност од производителот и грамажата на лебот кој што е во малата продажба”, рече Ковачевски.
За да им се помогне на малите потрошувачи коишто се на регулираниот пазар, во кои се вкалкулирани и енергијата и мрежарината, трошоците од 1 јануари се намалени за 20,проценти. Оваа цена се применува за 70 илјади компании во државата, коишто во минатиов период се соочуваа со зголемени трошоци за електрична енергија.
Со одлука на РКЕ, пак кај домаќинствата кои повеќе штедат цената им се намали, од друга страна, оние кои трошат повеќе добија зголемена цена. Така, цената на третиот блок се зголеми за 0,85 проценти, додека за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти, меѓутоа во четвртиот блок се семејствата кои што имаат поголеми простории за загревање, дел од нив загреваат и базени во текот на зимата, тоа може да го дозволуваат да го прават согласно со нивните приходи, меѓутоа и цената на електрична енергија која што ќе ја платат нормално ќе биде повисока.