Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за разрешување на министрите опфатени со реконструкцијата на Владата затоа што, како што изјави координаторот Никола Мицевски, како и пред една година, така и сега имаме ситуација на крпење на мнозинство без јасна цел, програма и визија.
-Ова што би рекле луѓето е состојба во која од една страна крпат, од друга страна им се кине владејачкото мнозинство, затоа што едноставно веќе е изгубен легитимитетот на граѓаните. Ковачевски, СДС и ДУИ се соочени со својата неспособност, криминал, корупција и внатрешни конфликти и затоа ваквата гимнастика со разрешување, именување и просто пазарење нема ништо да подобри во Македонија, туку напротив ќе ги усложни и продлабочи проблемите на штета на граѓаните. Единствениот излез од овој калабалак се избори и креирање ново мнозинство со легитимитет на граѓаните, рече тој.
Според Мицевски, креирањето на мнозинството во Собранието и менувањето не е базирано на принципи, туку обичен „пазар 3“ апсурд кој треба да и даде живот уште некој месец на оваа клинички мртва Влада на Ковачевски.
-Агонијата на оваа власт не е проблем сама по себе, проблем е што тоа се префрла во општеството и институциите и затоа Македонија тоне.Тоа што СДС се претвори во помал и подреден партнер на ДУИ и Груби не е проблем само по себе, туку проблем е што покорно молчи и дозволува нечии криминални интереси да се спроведуваат преку оваа вештачки одржана во живот власт на штета на народот. Владата на Ковачевски се претвори во излитен материјал кој го крпат, а тој пак се кине, во случајов затоа што легитимитетот е излитен. Но стравот на ова мнозинство од соочување со народот е огромен и затоа е целиот овој циркус што го прават изминатиов период, рече Мицевски.