Тројцата досегашни министри во Владата од редовите на Алтернатива се разрешени од функциите.
Од министерските позиции заминуваат досегашните министри за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора – Џемаил Чупи.
Од присутни 105 пратеници, „за“ разрешување на Сали гласаа 65 пратеници, а немаше ниту еден „против“ или „воздржан“. За разрешување на Алити и Чупи, пак, имаше по 64 гласа „за“ и по еден „против“.
Седницата за разрешување и именување нови членови на Владата започна пред десет дена, на 13 февруари. На дневен ред се четири точки, а разрешувањето на тројцата министри е само првата точка.
Тоа значи дека сега допрва ќе се дискутира и гласа за избор на нови владини членови, што е втора точка на дневниот ред.
Со изборот на нови министри треба да се пополнат местата на Сали и Алити, како и на поранешниот министер за правда Никола Тупанчески и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. За разрешувањето на Тупанчески и Нуредини не се дискутираше затоа што тие сами ги поднесоа оставките како резултат на договорот за влез на Алијанса за Албанците во Владата и прераспределба на ресорите, па затоа Собранието само им ги констатираше оставките.
Новите министри кои треба да се изберат на нивно место се: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда; Фатмир Меџити (Алијанса) –министер за здравство; Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација; и Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање.
За министерското место без ресор кое го држеше Џупи, засега не е предложен нов министер, а нема ниту најави дека ќе има предлог.
Откако ќе се изберат новите министри, пратениците ќе треба да продолжат со дебата за третата точка односно за разрешување и на тројца заменик-министри од кои двајца се кадри на Алтернатива: Абдулшуќур Абедини – за земјоделство и Лулзим Алиу – за образование и наука. Третиот е заменикот за одбрана – Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.