Османи пред Постојаниот совет на ОБСЕ: Човечкото страдање мора да престане сега

Претседавачот на ОБСЕ министерот Бујар Османи денес на денот од навршувањето на една година од инвазијата на Руската Федерација врз Украина, преку видео се обрати до Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена на кое се обратија рекорден врој на министри за надворешниработи, и во својство на претседавач на најголемата светска регионална безбедносна организација ја повика Русија да ја запре војната.

„Токму на овој ден, повторно да ја повикувам Руската Федерација веднаш да ја прекине војната, да ги повлече своите трупи од Украина, повторно да се посвети на принципите и вредностите на ОБСЕ и на дипломатијата. Ова е единствениот начин да се оди напред, за луѓето во Украина и регионот на ОБСЕ.”- порача Османи.

Османи истакна дека неговата прва посета како претседавач на ОБСЕ била во Украина за да даде јасен сигнал дека Украина ќе биде главен приоритет за време на претседавањето на Северна Македонија, истакнувајќи дека нашето претседателство ќе се фокусира на луѓето пред сѐ.

„Ако може да се научи некоја лекција од овие 12 месеци, тоа е дека за време на војната најмногу страдаат луѓето. За време на мојата посета на Украина, од прва рака бев сведок на сериозното влијание на војната врз животите на луѓето. Тие први ги доживуваат ужасите на војната и се директна и колатерална штета.”- истакна Османи.

Во своето обраќање Османи потенцираше дека издржливоста на украинските жени и мажи заслужуваат најголемо восхитување и почит и дека тие ја имаат нашатa целосна солидарност и сочувство , најавувајќи дека поддршка за нив ќе продолжи уште порешително.

„Мора да им помогнеме на луѓето во Украина да ги обноват нивните уништени надежи и домови. Ова е наша должност и благородна цел. Човечкото страдање мора да престане сега и одговорните да бидат пред судот на правдата.”-  порача Османи.

Во своето обраќање Османи потенцираше дека е навистина тажно и парадокс, што 50 години по потпишувањето на завршниот акт на Хелсинки недостасуваат причини за славење, и столбовите на Организацијата се целосно поткопани. Тој нагласи дека Северна Македонија како претседавач е цврсто посветена на принципите на ОБСЕ, вградени во Завршниот акт од Хелсинки и ја осуди секоја форма на агресија како средство за постигнување цел.

„Дозволете ми да ве уверам дека нема да отстапиме. Не можеме и нема само да го прифатиме она што се случува, нема да стоиме без да преземеме акција. Напротив, надоврзувајќи се на механизмите на ОБСЕ, ќе ги зајакнеме нашите напори за изнаоѓање на начини за враќање на мирот и целосно почитување на нашите принципи и заложби.”- порача претседавачот на ОБСЕ Османи.

Треба да знаете
Последни објави