Загрепчанецот Борис Б.(44) е прогласен за виновен пред судот за прекршоци во Загреб затоа што фрлил јајце кон зградата на ХДЗ за време на протестот во септември минатата година.
Тој е казнет со парична казна од 53 евра, плус судски трошоци од 40 евра. Тој е осуден во отсуство, а пресудата не е правосилна.
Во пресудата е наведено дека тој на 10 септември минатата година го нарушил јавниот ред и мир како учесник на протестот што се одржа под името „Ве отпуштаме“ на Плоштадот на жртвите на фашизмот.
Меѓу другото се наведува дека кога дошол пред седиштето на ХДЗ, го извадил јајцето што го фрлил, а тоа удрило во влезната врата и се скршило, со што, велат, го нарушил јавниот ред и мир на граѓаните и сторил прекршок.
На судењето сведочеше полицаецот за интервенција кој што го обезбедувал протестот. Тој рекол дека видел дека човекот се симнал од велосипедот, дошол до заштитната ограда пред влезната врата на централната ХДЗ и фрлил јајце, објави загрепскиот портал Индекс.
„ Од ранецот извади кутија Цедевита, зграпчи нешто од неа и ја фрли на влезната врата, а потоа видов дека се работи за јајце што се скрши и се истури на вратата, по што се оддалечи кон велосипедот – сведочеше полицаецот и додаде дека му пришол на човекот и му побарал лична карта која, како што вели, без проблем
му ја дал.
После тоа е приведен во полициска станица за понатамошна обработка.