Кина сака да спречи руско-украинската криза да излезе од контрола, нагласувајќи дека дијалогот и преговорите се единствените можни начини за решавање на конфликтот, се вели во документот објавен од кинеското Министерство за надворешни работи. Документот утрово го објави кинеското МНР. Планот предвидува укинување на западните санкции против Русија, воведување мерки за безбедност на нуклеарните локации во Украина, отворање на хуманитарни коридори за евакуација на цивили и преземање активности за обновување на извозот на жито.
„Мора да се напушти менталитетот на Студената војна. Безбедноста на една земја не може да се гарантира на сметка на безбедноста на другите земји, а регионалната безбедност не може да се гарантира со зајакнување или дури и проширување на воените блокови“, се вели во документот.
„Конфликтот и војната никому не му користат. Сите страни мора да останат разумни и воздржани, да избегнуваат разгорување и да спречат влошување на кризата или излегување од контрола“.
Генералното собрание на ОН донесе резолуција со која се повикува Москва да ги повлече своите сили од Украина, а подоцна денеска лидерите на Г7 ќе се состанат за да се договорат за обезбедување дополнителна помош за Киев.
Амбасадорот на ЕУ во Кина, Хорхе Толедо, на брифинг во Пекинг рече дека документот на Кина не е мировен предлог, но ЕУ ќе го анализира.
Украина го нарече позицискиот документ „добар знак“ и рече дека очекува Кина да биде поактивна во својата поддршка за Украина.
„Нуклеарното оружје не треба да се користи и не треба да се водат нуклеарни војни“, соопшти кинеското МНР. „Ние се спротивставуваме на развојот, употребата на биолошко и хемиско оружје од која било земја под какви било околности“, додаде Министерството.
Проблемите не можат да се решат со еднострани санкции и максималниот притисок не може да го реши прашањето и дека „тие создаваат само нови проблеми“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
„Кина се противи на унилатерални санкции што не се одобрени од Советот за безбедност на ОН“.