Митева: Наместо да дава награди, Ковачевски да побара оставка од директорот на ФЗОМ

Ковачевски наместо да дели награди, да побара оставка од директорот на ФЗОМ, Фатон Ахмети, кој користеше одмор и беше во партиска посета во САД додека институцијата со која раководи имаше крахиран систем и владееше неизвесност дали податоците на осигурениците воопшто ќе можат да бидат вратени, порача Марија Митева, портпаролката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и додаде на денешната прес-конференција.

-Скандалозно е што државна институција, како ФЗОМ, која ги има здравствените податоци за сите граѓани на државата нема бекап меморија, и се е ставено на еден систем, иако државата има ИКТ центар во Прилеп, каде фондот можел да ги зачува своите податоци.

Немањето бекап на податоците на ФЗОМ е неверојатно коцкање со животите на граѓаните, кое може да го прави само СДС и ДУИ. Со немање бекап се става на ризик цел систем, кој може наеднаш да крахира целосно и да предизвика долгорочен застој.

Доколку односот со податоците на осигурениците беше за степен попрофесионален, воопшто немаше да има паника изминативе денови, осигурениците ќе можеа редовно да пристапат кон податоците и информациите кои им се потребни, а лекарите ќе можеа навреме да земат плата.

Тоа што системот нема бекап е вина пред се на директорот на ФЗОМ, кој е платен со народни пари за да менаџира со институцијата.

Директорот Фатом Ахмети  покажа дека воопшто не му е грижа за ФЗОМ и затоа наместо веднаш да се врати во Македонија и да работи на санирање на штетата која е настаната и поради неговата неспособност, тој кусо ја информираше јавноста дека како кадар на ДУИ е во партиска посета на школа за лична надградба. Што значи  не го пратила државата, ниту институцијата, таму е по сопствен избор, и за тоа користи годишен одмор.

Ковачевски, како и до сега, кога станува збор за кадрите на ДУИ во институциите или ги наградува или молчи, а не смее да преземе чекор, а не пак да побара оставка. За ден повеќе власт, спремни се да ги одмолчат и нај круцијалните грешки кои се на штета на државата.

Треба да знаете
Последни објави