Академијата за филмски уметности и науки претстави кризен тим во пресрет на оскаровската церемонија, а сето тоа поради минатогодишниот инцидент со Вил Смит и Крис Рок.
Извршниот директор на Академијата, Бил Крамер, соопшти дека на овогодинешното доделување на „Оскарите“ за прв пат ќе биде претставен кризен тим за какви било неочекувани настани.
Овој тим е задолжен само за вонредни ситуации, како што беше шлаканицата на Вил Смит, а вакво тело досега немало на ниту една оскаровска церемонија.
„Поради минатогодишниот инцидент, моравме да земеме предвид дека многу непредвидливи работи можат да се случат на „Оскарите“. Имаме цел кризен тим, нешто што никогаш претходно не сме го имале, и многу планови подготвени за различни можни сценарија. Се надеваме дека тимот ќе биде подготвен на се во случај нешто да се случи“, изјави за „Тајм“ Бил Крамер, извршен директор на Академијата.
Тој исто така нагласи дека оваа година водител на наградната церемонија ќе биде ветеранот Џими Кимел, кој заврши добра работа во 2017 и 2018 година, и тој би требало да гарантира дека се ќе биде во ред.
“Кимел е некој кој е навикнат на се што носи телевизијата во живо и е свесен дека работите не одат секогаш според планот. Кимел е водител кој знае како да се справи со такви ситуации”, појасни Крамер и нагласи дека минатата година за време на инцидентот со Смит и Рок требало да се реагира многу подобро.
За потсетување, комичарот Крис Рок во својот говор на минатогодишното доделување на „Оскарите“ ја спомена Џејда Пинкет Смит. Смит првично се насмеа од коментарот, но кога ја виде лутата реакција на неговата сопруга, и тој се налути и излета на сцената и му удрил шлаканица на Рок. Кога се врати на своето место, извика: „Не кажувај го името на мојата сопруга“.
Оваа шлаканица му донесе десетгодишна забрана да се појави на доделување на престижните златни статуетки.