Седумнаесетгодишната Алејна Олмез беше спасена од урнатините 248 часа по разорните земјотреси што ги погодија јужна Турција и Сирија, јавува „Анадолија“.
Таа беше спасена од урнатините во населбата Кајабаси во Кахраманмараш.
Олмез моментно се наоѓа на лекување во болница во Анкара, а вчера беше посетена од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Таа е среќна поради посетата на претседателот и првата дама на Турција.
„Нашиот претседател дојде во посета, се чувствував добро, се гордеам. Убаво е чувството да се има толкава поддршка“, рече Олмез.
Како што изјави таа, поминала низ тежок период.
„Се борев, не сакав да се откажам. Сите ми даваа голема поддршка и ми помагаа. Ви благодарам многу за сè“, нагласи Алејна.
Нејзината тетка Ѓулер Думан рече дека е среќна што Алејна била спасена од под урнатините.
„Не очекувавме дека тоа ќе се случи, но кога Алејна излезе, тоа беше чудо за нас. Доживеавме и радост и тага во исто време“, истакна Думан, која им се заблагодари на сите, особено на лекарите што се грижеа за Алејна.
Кога Алејна беше извлечена од урнатините, д-р Џенгиз Дилбер рече дека е неверојатно што таа е во толку добра здравствена состојба со оглед на тоа што била под урнатините 248 часа.
„Бевме изненадени што нејзините телесни функции се добри и што функцијата на бубрезите не ѝ беше влошена. Тоа е неверојатна работа. Нејзиното здравје е многу добро. Се разбира, има и трауми“, изјави тогаш Дилбер.