Шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, оформил предмет и делегирал јавен обвинител кој ќе го сослушува Бојан Јовановски-Боки 13 и кој ќе ги земе „бомбите“ односно аудио разговори, видео снимки, транскрипти. Од Обвинителството за „Макфакс“ посочуваат дека ќе ги земат сите материјали од Боки 13, а за кои осудениот посочи дека се докази за сторени кривични дела на личности од политиката, правосудниот систем и бизнис елитата.
„Основниот јавен обвинител постапувајќи по дописот оформи предмет кој веќе е распределен на постапување кај јавен обвинител кој е задолжен да го сослуша осуденото лице и врз основа на исказот и материјалните докази што осуденикот ги поседува да му реферира на основниот јавен обвинител и да донесе одлука за понатамошно постапување. Обвинителството ги охрабрува сите кои имаат сознанија и поседуваат докази за сторени кривични дела истите да ги пријават во обвинителствата согласно нивните надлежности“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и коруцпија за „Макфакс“.
Оттаму посочуваат дека сослушувањето не може да го прави шефот Абази, како што бараше Боки 13, оти тоа според Законот за јавно обвинителство, го прават избраните обвинители.
„Кривичното гонење и понатамошното постапување во предметите го извршуваат избраните или упатените јавните обвинители во ова јавно обвинителство“, додава Обвинителството за „Макфакс“.
Претходно, пред два дена, Боки 13 испрати писмо до јавноста во кое наведе дека бара да биде изведен пред Ислам Абази, во присуство на неговите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашко Дуковски, за да предаде докази за сторен криминал од највисоки државни структури.