Во јануари годинава Албанија ја посетиле 377 илјади странски државјани, што е зголемување за 94 отсто споредено со истиот месец минатата година, што се оценува како добар предзнак за успешна година во туристичкиот сектор во земјата.
– Од вкупната бројка околу 95 отсто од странските гости, се од Европа, поточно најголемиот број од нив се од Јужна Европа, која вклучува земји како Италија, Грција, Косово, Шпанија, Португалија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Северна Македонија, потврдуваат податоците на Институтот за статистика, ИНСТАТ.
По нив, по бројност доаѓаат посетителите од Западна Европа, која ги опфаќа „најразвиените земји на континентот, како Франција и Германија, а потоа и Централна Европа, а во рангирањето водат Полјаците”.
– Од Америка дошле 7.000 посетители, додека во јануари двојно поголем е бројот на туристите од земјите од Источна Азија и Пацификот. Причина за посетата на странците е од лична природа или за одмор, помал е процентот на оние кои доаѓаат од деловни и професионални причини, наведува ИНСТАТ.
Според статистиката во јануари за влез во земјата се регистрирани и над 800 илјади албански државјани.
Минатиот месец, за 45,8 отсто, споредено со јануари 2022 година, е зголемен и бројот на албанските граѓани (544 илјади) кои патувале во странство, главно за одмор во зимски центри.