Се појави видео на кое се гледа како Владимир Кличко, поранешниот професионален боксер и брат на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, вози моќен германски тенк Леопард 2. Инаку, вчера во Украина беа испорачани првите тенкови Леопард 2.
Антон Герашченко, советник на украинското Министерство за внатрешни работи, го објави видеото на социјалните мрежи. На него се гледа како Кличко вози тенк во шумска област.
„ Никогаш не мислев дека ќе ја возам оваа мачка. Година на војна во Украина. Година на страдање, но и година на волја, која е посилна од кога било“, вели Кличко во видеото.
Тој потоа им се заблагодари на Германија и на слободниот свет „за се што прават за Украина“.
Вчера беа објавени фотографии на кои се гледа како украинскиот премиер Денис Шмихал и полскиот премиер Матеуш Моравјецки се ракуваат пред напредните тенкови Леопард 2.
Се верува дека овие модерни тенкови би можеле да одиграат значајна улога во најавената украинска контраофанзива. Минатиот месец Германија, која го произведува Леопард 2, по меѓународниот притисок одлучи да го испрати својот Леопард 2 во Украина, но и да дозволи други западни земји да ги реизвезуваат тие тенкови во Украина.