Во Шпанија на маж кој неодамна допатувал од Екваторијална Гвинеја бил дијагностициран првиот сомнителен случај на смртоносната заразна болест Марбург, соопштија денеска здравствените власти на шпанската област Валенсија.
Во Екваторијална Гвинеја, поради оваа форма на хеморагична треска, на 13 февруари повеќе од 200 луѓе беа ставени во карантин, а движењето беше ограничено во провинцијата Кие-Нтем, каде за прв пат беше откриен вирусот.
34-годишниот маж е префрлен од приватна болница во одделот за изолација во болницата Ла Фе во Валенсија, каде што се вршат тестови, соопштија здравствените власти, пренесе Ројтерс.
Како што пренесува Танјуг, овој вирус е причина за хеморагична треска, која има стапка на смртност до 88 отсто, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).
Во моментов нема одобрени вакцини или антивирусни третмани.
Екваторијална Гвинеја досега пријавила девет смртни случаи, како и 16 сомнителни случаи на оваа болест, со симптоми на треска, замор, повраќање крв и дијареа, соопшти СЗО.
Организацијата соопшти дека го зголемува нивото на епидемиолошки надзор во Екваторијална Гвинеја.
Камерунските власти открија два сомнителни случаи на хеморагична треска на 13 февруари во Оламзе, на границата со Екваторијална Гвинеја, изјави на 14 февруари регионалниот службеник за јавно здравје Роберт Матурин Бијанг.
Камерун го ограничи движењето долж својата граница со Екваторијална Гвинеја во обид да избегне ширење на инфекцијата,пренесе Телеграф.рс.