Д-р Даниела Настеска, е жена научник која работи на истражувања поврзани со шеќерната болест односно дијабетесот. До неодамна заедно со својот тим работеше на Институтот за метаболизам и системски истражувања на Универзитетот во Бирмингем, а во март продолжува нејзиниот ангажман со Инсулинско клеточната лабораторија Islet Byology lab во Центарот за дијабетес, ендокринологија и метаболизам на Универзитетот во Оксфорд.
Во интервју за МИА д-р Настеска, која е една од ретките Македонци кои работат на истражување на дијабетес тип 2 во светот, вели дека досега за оваа болест е направено многу, меѓутоа факт е дека причините за дијабетес тип 2 се мултифакторни и непознати и оти се додека тие не се познати ќе мора да се работи на тоа да се развијат терапии и третман на целосно лекување на болеста, а не ставање во ремисија и мирување, како што се случува сега.
Во изминатите 14 години, д-р Настеска има издадено преку 25 научни трудови во еминетни светски научни списанија, а како еден од најзначајните го издвојува последниот објавен во списанието „Природа“, едиција комуникации, во којшто се зборува за тоа колку различностите на клетките се важни во нормална функција на ткивото.
– Тоа е важно и специфично затоа што контрира на разбирањето од минатото кога се сметало дека проучување на една клетка означува разбирање на целото ткиво. Ние денес учиме дека исто како и општествата различноста и диверзитетот се многу важни за едно општество да функционира. Слично на тоа едно здраво ткиво функционира. Сметам дека тој труд е важен за иднината затоа што врз основа на разбирање на таа ситна комуникација помеѓу клетките ќе излезат нови терапии, ќе се модифицираат моменталните, ќе се моделира терапијата во поглед на секој пациент затоа што секој човек е различен, различен склоп на болеста и слично. И во тоа е надежта и потенцијалот во тој труд, вели д-р Настеска.
Во интервјуто за МИА таа раскажува за тоа што работи заедно со својот тим кој од март се сели на Универзитетот во Оксфорд, но и за нејзините докторски студии во Јапонија, работата во Европа, како и за тоа дали е тешко да се биде научник, особено млада жена, која со помош на своето знаење и талент се пробива во светот. Нејзина желба е своето знаење и искуство да го пренесе и на студенти и на колеги од земјава од каде досега немала покана за соработка, а веќе тоа го прави на институти во Азија, САД, Канада и други земји.
Д-р Даниела Настеска потекнува од скопската населба Ѓорче Петров. Средно медицинско училиште завршила во Скопје и дипломирала на Медицинскиот факултет при УКИМ. Одреден период работи како лекар во педијатриска ординација во Гостивар, а потоа во ординацијата во ОКТА. Но, животниот пат и посветеноста ја носат на друго место. Аплицира и добива стипендија за докторски студии на Универзитетот во Кјото, Јапонија, а по стекнувањето на дипломата решава да се врати во Европа за да биде поблиску до семејството и каде има поголеми можности за финансирање на научни проекти.
По доаѓањето од Јапонија во Европа, д-р Настеска најнапред работи на научни проекти поврзани со дијабетесот во Брисел, а потоа на Институтот за метаболизам и системски истражувања на Универзитетот во Бирмингем, а многу скоро продолжува нејзиниот ангажман со Инсулинско клеточната лабораторија Islet Byology lab во Центарот за дијабетес, ендокринологија и метаболизам на Универзитетот во Оксфорд. Д-р Настеска во овие 14 години има објавено повеќе научни трудови во престрижни академски списанија.
Д-р Настеска на што точно работите заедно со вашите колеги?
-Во Оксфорд е да речеме преселба на лабораторијата од Бирмингем и на некој начин континуитет и на тоа што го работевме и претходно, а фокусот е на лагерхансовите островца кои лачат инсулин, кои се надевам луѓето знаат или барем голем дел, го регулира нивото на шеќер во крвта. Ние испитуваме како клетките соработуваат меѓу себе, како „разговараат“ меѓу себе, колку се различни едни од други и како сето тоа ги одржува лагерхансовите островца здрави и го одржува нивото на шеќер во крвта нормално.
Што планирате да биде вашиот следен предизвик?
-Во светот целта на сите видови терапии е терапија персонализирана кон пациентот и за таа цел она што би сакала во наредниов период да го работам е претворање на плурипотентни клетки, пример клетки од кожа и клетки од други ткива кои што се регенерираат во телото во клетки кои создаваат инсулин. На некој начин локална фабрика на клетки коишто прават инсулин коишто може да се вратат во телото во секој момент и да ги замени оние клетки кои веќе изумреле кај пациенти што имаат Тип 2 дијабет. Интересно.
На кој начин планирате да обезбедите средства за да ја постигнете вашата цел?
-Обединетото Кралство во основа е многу плодна почва за работење на различни типови истражувања вклучувајќи го и Тип 2 дијабет. Во моментов аплицирам за повеќе грантови. Сметам на моменталните грантови кои ги има нашата истражувачка лабораторија коишто би овозможиле создавање на една нова функционална лабораторија, во која што би се диференцирале, би се претворале овие обични клетки во инсулин, продуцирачки клетки кои понатаму ние би ги анализирале би имале увид во нивната функција, можноста да преживуваат во човечкото тело, колку долго, колку добро би функционирале. Финансиите се прв чекор, Англија како што спомнав е добро место за пронаоѓање на тие финансии и остатокот е работа.
Дали на ваков начин функционираат сите научно истражувачки лаборатории во Обединетото Кралство? Принципот на донации? Дали државата има удел во сето тоа или истражувачите бараат донации? Како е конципирано тоа во Обединетото Кралство?
-Комбинација на двата начини кои веќе ги спомнавте. Постојат владини агенции кои одвојуваат средства за наука по пат на апликации и јавни огласи на коишто секоја лабораторија може да се пријави. Се бараат средства. Најдобриот проект победува и ги добива средствата. Понатаму постојат многу добротворни организации во Велика Британија и на светско ниво за коишто сите научници од Велика Британија имаат право да аплицираат. Повторно е истиот принцип, најдобриот проект победува. Се зависи од тоа колку е конкурентен, колку е атрактивен, колку темата е важна во периодот кога се бараат финансиите и на крај кога ќе се обезбедат средствата локацијата на научно-истражувачката лабораторија е помалку важна.
Колку научни трудови сте издале досега и кои сметате дека се или во иднина би биле многу значајни?
-Мислам дека кога последен пат си го гледав Си- Ви -То беа околу 25-26, меѓутоа во научниот свет трудовите се многу динамична работа. Секогаш очекуваме нови да се издадат бидејќи секогаш сме во постапка на објавување во нови списанија, така што од тие 25-26 јас би го издвоила последниот којшто излезе во списанието „Природа“, едиција комуникации и во кое што зборуваме за тоа колку различностите на клетките се важни во нормална функција на ткивото. Тоа е важно и специфично затоа што контрира на разбирањето од минатото кога се сметало дека проучување на една клетка означува разбирање на целото ткиво. Ние денес учиме дека исто како и општествата различноста и диверзитетот се многу важни за едно општество да функционира. Слично на тоа едно здраво ткиво функционира. Сметам дека тој труд е важен за иднината затоа што врз основа на разбирање на таа ситна комуникација помеѓу клетките ќе излезат нови терапии, ќе се модифицираат моменталните, ќе се моделира терапијата во поглед на секој пациент затоа што секој човек е различен, различен склоп на болеста и слично. И во тоа е надежта и потенцијалот во тој труд.
Веќе споменав дел од вашиот животен пат. Што беше пресудно за вас да заминете на дооформување на образованието во Јапонија? Што значеше тоа за вас и за вашиот живот понатаму?
-Вртење на нов лист. Преквалификување затоа што докторите клиничари не се образовани да работат наука. Значи јас во Јапонија кога го почнав докторатот почнав од нула и би сакала да мислам дека дел од причините беа секако изборите кои што ги имав или кои ги немав во Македонија, меѓутоа помалку сум авантурист по природа и сакав да видам каде ќе ме однесе таа нова патека во Јапонија.
Каков беше животот во Јапонија за вас? Колку е различен образовниот процес таму и овде?
-Многу. Во некои погледи. Но, она што Македонија и Јапонија имаат заедничко е дека се уште се многу традиционални општества така што меѓуличните односи, односите на работа или слично не се разликуваат од времето кога сум растела со бабите и дедовците и начинот на кој што ние сме комуницирале во тие времиња. Постојат многу нивоа на хиерархија, постои начин на однесувањево зависност од тоа кој човек каква улога зазема во општеството или во лабораторијата и во тој поглед ми требаше малку повеќе време да се навикнам. Има меѓуродови разлики како се третираат жените и како се третираат мажите и тоа беше „линија на учење“ како да се однесуваш во која ситуација, меѓутоа беше исто и средина во која што имав многу поддршка, многу разбирање и многу грижа. И секако начинот на размислување се менува од целосно западен и целосно индивидуалистички пристап кон животот и работите кон малку источен и групно разбирање на светот на општеството и нашето место во светот и во општеството.
Во јавноста доминира мислењето дека за да станеш успешен научник треба да се откажеш од многу работи, особено кога си жена. Дали е тоа навистина така или може да биде поинаку?
-Пак е тоа за мене малку западен концепт на размислување идеата за откажување од нешто. За разлика од концептот на откажување јас ги гледам работите како вложување на своето време во нешто што тебе ти значи, нешто во кое што сакаш да се надградиш така што лично не сметам дека има простор за откажување, туку преструктурирање на твоето време и на твоите приоритети. Дали е тешко или не се зависи од твојот поглед кон работите и работите што ти се примарни и што ти значат во животот – работата и семејството.
Зошто се одлучивте да работите на истражувања поврзани со шеќерата болест или со дијабетесот? –
Тоа е лична приказна затоа што како многу луѓе во Македонија и во светот и јас во моето блиско семејство имав личност која што имаше тип 2 дијабет и си реков кога веќе се посветувам на нешто што бара многу време би сакала да е нешто лично. И пак ќе кажам многу колеги во мојата средина имаат многу слична приказна или самите имаат тип еден или два дијабет, блиски членови на нивното семејството, пријатели или слично. Поголем број од научниците од која била област која ја истражуваат во позадина носат лична приказна.
Се зголемува процентот на луѓето во светската популација кои има шеќерна болест или некоја од типовите на шеќерна болест. До каде е стасана медицината во тој дел?
-Во поглед на двата типа дијабет, бидејќи да нагласам тип 1 кој е почест кај младата популација, а тип 2 кај повозрасните, направено е многу. Денес постојат терапии во кои што пациентите носат инсулински пумпи. Тоа е да речеме врвот на терапијата, во која што детектираат промени на нивото на шеќер во крвта и успеваат да ослободуваат инсулин по потреба слично како што функционира и природниот панкреас. Постојат експериментални процедури во коишто клетките кои што ги споменав плурипотентните семоќни клетки коишто се претвораат од обични во инсулин продуцирачки клетки. Овој тип на терапија е употребен во примарни претклинички студии во Америка кај пациенти што имаат тип 2 дијабет и сега засега многу внимателно. Има охрабрувачки резултати во тој поглед. Направено е многу, меѓутоа она што останува факт е дека причините за тип 2 се мултифакторни, непознати сто посто и се додека причината не е сто посто позната ќе мора да се работи на тоа да се развијат терапии и третман на целосно лекување на болеста, а не ставање на ремисија и мирување, како што тоа сега се случува.