Атовска, воен известувач од Украина: Ги документирав сите лица на војната, од злосторства против цивили до солидарност

Приспивни сирени“ („Siren Lullabies“) е документарен филм на Кристина Атовска, чија кино-премиера ќе се одржи на 27.02.2023 (понеделник) во киното „Милениум“. „Приспивни сирени“ е независен долгометражен документарен филм кој ги покрива првите четири месеци од војната во Украина.

Се работи за лична приказна, раскажана од авторката, која беше единствената македонска новинарка во Украина. Филмот им дава глас на оние кои не можат да бидат слушнати, во овој случај, поради војната во нивните дворови. Затоа во фокусот на овој филм се луѓето кои одлучија да останат да живеат во војна: преку нивните стории ги гледаме сите лица на војната, од злосторства против цивили, до солидарност како форма на отпорот. Атовска веќе ги изложуваше нејзините фотографии од војната во Украина во Скопје и во Културно-информативниот центар на РСМ во Тирана, Албанија.

https://youtube.com/watch?v=Yj_WqZ3IZOM%3Ffeature%3Doembed

Патешествието на Кристина почнува од Лвив, преку окупиран Киев и битките на житомирскиот автопат, масакрот во Ирпин и Буча, посета на војниците на првата линија на огнот и завршува под непрекинато бомбардираниот Харков. Филмот доловува како би се чувствувале кога би морале да ги промениме секојдневните рутини за да преживееме барем уште еден ден под дождот од бомби и константна закана. 

Во документарецот учествуваат: Надја Мелешенко, Алена Крисенко, Дмитро Ситко, Јарослав Клашторни, фармацевтот Илија, Дмитро Витик, хирургот Сергеј, Валериа Мелник, Владимир Лурчук, Игор Терехов, Кристијан Луц, Џек Рос, Володимир Сапехин, Тимур и неговата екипа, Виталиј Алексеевич, Оксана Димитриева, Емир Абдулаев…

Продуцент на филмот е Виктор Петрески (In Digital Production), украински копродуцент е Олександер Недбаев (Prime Story Production). Мајда Бошњак е асистент на режија, а композитор на музиката е Златко Ориѓански.

Која беше иницијалната каписла да заминете во Украина на почетокот на руската воена агресија и да известувате оттаму наредните 4 месеци?

Како новинар кој веќе 10 години известува од насилни настани (протести) и како еден од ретките новинари кој зад себе има квалитетна обука за известување од воени зони, а и со оглед на фактот дека војната почна во Европа, блиску до нас, се најдов повикана да заминам за Украина. Во новинарството нема поголем предизвик од военото известување, а да се даде глас на најнеслушнатите и најзагрозените, за мене, е многу благородна работа. Но, секако, военото известување бара многу подготовка, психичка спремност и многу предзнаење, и не е препорачливо за секого. Затоа во европските медиуми има по неколку тимови добро обучени за известување од воени зони.

Што затекнавте во Украина? Какво беше чувството да заминете во воена зона од која бегаа милиони цивили?

Ми треба многу време за да раскажам што се видов во Украина. Многу грозоморни слики. Најгрозоморното нешто што го видов можам да кажам дека е масакрот во Буча. Расфрлани тела по улиците, масовната гробница, врзани лица убиени во подруми. Ужас. Видливи се и злосторствата против цивилното население, преку остатоците од касетни бомби, урнатите училишта, намерно стреланите евакуациски возила и возила на Итната медицинска помош. Ќе ја споменам и состојбата во Харков каде непрестано се бомбардира. Таму преживувањето е буквално лотарија. Но, милион жители одбиваат да го напуштат градот. Затоа можам да кажам и дека видов многу храброст, волја за живот и решителност да не се подлегне под заканата. Многу чувства ме водеа во месеците поминати таму, навистина ми е тешко да дадам еден одговор на ова прашање. Страв, грозоморност и ужаснатост по дел од виденото, но од друга страна имаше и прекрасни чувства предизвикани од прекрасни луѓе. Сепак чувството дека помагам на било каков начин е тоа што ме натера да тргнам кон Украина.

Каква беше вашата перцепција за борбениот морал и подготвеност на украинската војска?

Мојата перцепција е дека борбениот морал на Украинците е многу висок, подготвеноста да се брани своето, исто така. Голем број цивили, меѓу кои и жени, доброволно се приклучија на Армијата, што зборува многу за духот на Украинците. Борбената подготвеност на Армијата е друго прашање, но со оглед на фактот дека постојано пристигнува оружје од западните пријатели, Украина успева да се одбрани. Како што видовме, првичните планови на Путин за брзо освојување, брзо и пропаднаа. Но, она што е очигледно ако набљудувате од терен е тоа дека на украинската Армија навистина и е потребна помош во оружје. Знаете дека состојбата на фронтовите се менува од ден во ден и линијата на огнот постојано се поместува. Градови се освојуваат и ослободуваат. Ова во голема мера зависи од тоа колку оружје има украинската Армија во моментот. А да не забораваме и дека голем број доброволци (дел од странската легија) со воено искуство се отидени да им помогнат. Ова во голема мера помага не само во смисла на експертиза, туку и во дополнително подигнување на моралот на украинските борци.

Како е да се функционира како воен известувач од Украина? Со каква техничка и финансиска логистика располагавте за време на вашиот подолг престој во Украина?

Ако сте таму со неограничени финансиски ресурси како нашите колеги од европските држави или САД, функционирањето е лесно. Ризично, но логистички полесно. Ако сте со многу ограничени средства, функционирањето од терен е вистински предизвик. Јас отидов со многу мали финансии, недоволно за три месеци и само со мојот мобилен телефон. Од истиот телефон се вклучував во живо во „Утрински брифинг“ и потоа снимав цел ден, тоа е предноста на дигиталното време.

Но, логистиката на терен бара финансиски ресурси. Мојата предност таму беше што постојано запознавав прекрасни луѓе кои ми ги отворија вратите. На пример, во окупиран Киев спиев во подземно засолниште во кое инаку не примаат странци, од безбедносни причини. Таму ме зема поранешен колега и можев да останам колку сакам. Во хуманитарната мисија во Харков заминав со британско германска хуманитарна група која, исто така, ми заштеди ресурси за подолго останување. Сето ова се многу интересни искуства кои (иако со значително поголем ризик) , сепак ме донесоа до стории далеку подлабоки од оние на новинарите кои живеат по хотели. А јас отидов по сториите на цивилите. И навистина сум благодарна за тие искуства и за луѓето со кои живеев одедено време.

Каков беше „секојдневниот“ живот во Киев, Лвив…? Како функционираат украинските граѓани во војна? На почетокот од војната впечатокот од медиумите беше дека во западниот дел од Украина животот се одвива речиси во мирнодопски услови: гости во рестораните и кафулињата, функционира јавниот автобуски и трамвајски превоз. Колку е лажен тој впечаток?

За Лвив тој впечаток не е лажен. Во западниот дел од Украина, конкретно во овој град, се функционира. Градскиот превоз, кафулиња, ресторани… Уметници по улиците кои собираат пари за Армијата се секојдневна глетка во Лвив. Дури има и зголемена социјална активност бидејќи многу луѓе кои не сакаат да ја напуштат државата, таму се засолнуваат. Центарот на градот не е нападнат, неколкуте проектили паднаа во предградието.

Но, во други градови не е така. Додека Киев беше окупиран, немаше цивили на улиците, немаше ниту една отворена продавница, само контролни пунктови и војници на секои 100 метри. Харков пак, е уште поразлична приказна. Таму деца играат на игралиште додека проектили паѓаат наоколу. Неколку часа откако проектил ќе сруши зграда, граѓаните излегуваат и го чистат тој хаос. Таму може да се забележи највисок степен на отпор против агресијата и тоа преку одбивањето да се напушти градот и да се подлегне под стравот. Јас сум импресионирана од духот на тие луѓе.

Постои ли „мирнодопски“ културен живот во Украина? Има ли театарски и балетски претстави, работат ли кино-салите, се издаваат ли и печатат нови книги…?

Секако дека постои. Дури и повеќе отколку во нормални услови ако ја земеме предвид и уличната уметност која ја има на секој чекор, на секој агол. Секако, не во сите градови. Во Киев по ослободувањето, беа отворени сите музеи, кино сали и театри… Сите донираат дел од заработката на Армијата или пак на загрозените цивили, што дополнително ја зголемува мотивацијата за посета на културните објекти, или пак за поддршка на уличните уметници.

На „Охриско лето“ минатата година гостуваше една украинска претстава. Колку уметниците од Украина придонесуваат за ширење на вистинскиот карактер на оваа војна?

Видете, откако е почната војната, разбирливо, целата уметност која се создава е поврзана со војната, отпорот или храброста. Во оваа една година, откако е почната војната, сите творби се поврзани со неа.  Така што можам да кажам дека нивната уметност е одраз на состојбата во која се наоѓаат. Најголемиот придонес на уметниците е тоа што низ светот ја популаризираа украинската култура. Денеска, неспоредливо повеќе од пред една година, се слуша украинска музика или се читаат украински автори.

Говорите руски јазик. Колку се слични или различни украинскиот и рускиот јазик? Среќававте ли украински граѓани од руска националност и говорен јазик?

Прво мора да нагласам дека гледам голема забуна на медиумите кога зборуваат за националност и говорно подрачје. Половина Украина, со украинско население кои секако се декларира како Украинци, зборуваат руски јазик. Тоа не се луѓе со руска националност, туку Украинци кои зборуваат руски јазик. И таа разлика мора да биде јасна. Луѓе од руска националност не сретнав или барем, не се декларираат така, а Украинци кои зборуваат исклучиво руски јазик сретнав многу. Таков град е Харков. И сметам  дека тие Украинци не треба да бидат дискриминирани затоа што зборуваат друг јазик.

Инаку, голема е разликата меѓу украинскиот и рускиот јазик. Украинскиот јазик е помек и не многу зборови се слични со рускиот за да може некој што зборува руски лесно да разбере и украински.  На почетокот ми беше многу потешко да разберам украински, но доста научив додека бев таму. Сепак, се уште не се чувствувам доволно подготвено за да го зборувам.

Каков е вашиот став околу користењето на украинските називи – Харкив, Лвив, Кијив – во македонскиот јазик?

Добро е сите да имаме различни ставови, но некои работи се веќе кодифицирани и не сметам дека имаме право пред официјалната промена во кодификацијата и речникот, сами да си ги менуваме зборовите. Украинскиот назив Харкив секогаш бил Харкив, а на македонски се преведува како Харков. Не можеме сами како новинари да си решиме да го преведуваме како Харкив, затоа што во нашиот речник не е запишан така. Што се однесува до промената во Кијив, Украинците имаат право официјално да бараат промена во англискиот јазик, имаат право да побараат и во другите јазици, но се додека тоа не се промени во македонскиот речник останува Киев.

Кај нас МАНУ, односно Советот за македонски јазик, треба прво да се изјаснат и да ги направат евентуалните промени официјални, па дури потоа медиумите да почнат да ги користат. Истото важи и за Турција која го промени својот англиски термин. Мојот став е дека треба да си го почитуваме мајчиниот јазик. Разбирлива ми е намерата на неколкумина, на таков начин да им изразат поддршка на Украинците, но тоа се прави на друг начин, всушност на многу други начини. Начинот за покажување почит кон друга нација не предвидува непочитување на правилата на мајчиниот јазик.

Што ве научи оваа војна во Украина?

Многу работи. И лично, и професионално. Професионално, имав можност да учам од најискусните светски воени репортери. И како личност, оваа војна ме промени многу. После толку животозагрозувачки ситуации мислам дека се вратив со други перцепции за животот. Кога единствена цел и мисија во денот ти е да преживееш, по враќањето на безбедно, поинаку размислуваш за обични секојндневни работи и за нивната важност или бесполезност.

Кога созреа идејата за документарниот филм во овој облик? 

Од самиот почеток. Отидов со идеја доживувањето да го претворам во филм. Во новинарските известувања, според правилата, не си дозволував да покажам емоции или пак да си кажам одредени ставови. Филмот е сосема поинаква уметност. Филмот е моето најискрено доживување од месеците поминати таму, тоа е дело со многу емоции. Она што не го очекував е филмот во само неколку месеци да освои повеќе од шест меѓународни награди на филмски фестивали. Сите награди ги добивме со сличен коментар дека ова е искрен и топол филм. 

Треба да знаете
Последни објави