Белешкова контра ИРЛ: Судските пресуди не се клеветнички и не се предмет на слободно лаичко толкување

Адвокат Бенита Белешкова одговори на демантот од Истражувачка репортерска лабораторија, ИРЛ која негира дека се виновни за сторена клевета против фирмата „Б Инженеринг“, застапувана од адвокатката.

Во продолжение одговор од Белешкова на демантот на ИРЛ.

„Судските пресуди не се лажни и клеветнички, судските пресуди се потврда на фактите и не се предмет на слободно лаичко толкување.

Затоа и со цел подобро разјаснување на работите и претставување на фактичката состојба којашто не дава простор за толкување, ја пренесувам изреката на Пресудата каде јасно стои на три места на првата страна во пресудата од Основен суд дека Судот утврдил клевета како и потврда за истото од Апелациониот суд на страна 1 и страна 6.

Во образложението на Пресудата на 3 места јасно е констатирано дека Судот по внимателна и грижлива анализа утврдил граѓанска одговорност за сторена клевета.

Само во првата пресуда на 6 места Судот јасно кажува и тоа во двата најбитни елементи на Пресудата – Изреката на одлуката.

Во Изреката на Пресудата на Апелациониот суд јасно се потврдува пресудата за утврдена клевета. И во образложението на пресудата од Апелација јасно на 3 места се потврдува сторената клевета и изјава на ИРЛ која содржи невистинити факти.

Во прилог на ова соопштение ви ги пренесувам двете пресуди, и тоа:

– На Основниот граѓански суд во Скопје, каде што ќе прочитате на прва страница:

„СЕ УТВРДУВА граѓанска одговорност за сторена клевета на првотужениот Здружение на граѓани ИСТРАЖУВАЧКА РЕПОРТЕРСКА ЛАБОРАТОРИЈА ИРЛ Скопје……..(во прилог целата пресуда)

– На Апелациониот суд во Скопје, каде што ќе прочитате на прва страница:

ПРЕСУДАТА НА Основен граѓански суд Скопје 115-42/20 од 07.12.2021 година СЕ ПОТВРДУВА. (во прилог пресудата)

Како адвокат би им посочила на ИРЛ да го прашаат нивниот правен застапник што значи ова. Со целосна почит кон новинарската професија, но ова се ПРЕСУДИ – нив не можете да ги толкувате како „вам“ ви чини.

На крај да повторам, ИРЛ – каде што главен и одговорен уредник е Сашка Цветковска направиле КЛЕВЕТА, утврдено во пресуда на Основен суд, потврдено од Апелациски суд.

Треба да знаете
Последни објави