Во организација на АГРОТИМ, вчера (23 февруари 2023 г.) во Свети Николе се одржа трибина на тема – Договорно производство на бессемена лубеница.
Идејата за договорното производство на бессемена лубеница е на компанијата „Fresh line“ која ќе врши откуп на лубеницата по однапред утврдена цена од 10 денари за килограм. Оваа откупна цена ќе биде загарантирана со самиот договор, но може да биде и повисока зависно од моменталната цена на берзата во време на берба, велат од компанијата. Земјоделските производители ќе добиваат регрес семе, а ќе имаат и поддршка во едукација и други сугестии во текот на производството.
Се работи за производство на бессемена лубеница мини од 1-2,5 кг. и миди од 2,5-6 кг. Пласманот е обезбеден на странските пазари.
На трибината се потенцираше важноста од моделот Договорно производство, најмногу заради обезбедениот пласман и сигурната цена која ќе биде од почеток на берабата па до крај на реколтата.
Земјоделците ги поставија прашањата околу цената, која е загарантирана со договорот во висина од 10 денари за килограм во текот на целиот откуп без разлика дали пазарната во меѓувреме ќе падне под таа цена. Но доколку е повисока, тогаш откупувачот ќе ја плати по повисоката цена.
Ова беше информација која наиде на одобрување од страна на земјоделските производители. Исто така позитивно е што доколку се здружат земјоделците и се обезбеди погола количина тогаш откупувачот ќе формира како откупен пункт за сите производители.
Повеќе информации околу договорното производство на бессемена лубеница можете да добиете во следното видео:
На трибината беа присутни и консултанти од Агротим кои на присутните земјоделци им ја доближија новата Програмата за финансирање на земјоделските производители на храна преку која можете да добиете неповратни 10.000 евра од државата.
Доделување неповратна финансиска поддршка до 600.000 денари за инвестиции во опрема и основни средства и услуги кои имаат за цел:
- Остварување на додадена вредност на примарното производство
- Развој на производи со традиционални карактеристики
- Зголемување на конкурентноста и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна
ВИСИНА НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА
Финансиската поддршка е во форма на 100% неповратен грант во износ до 600.000 ден. по барател за следните намени и активности:
- 90% трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка или преработка на примарни земјоделски производи)
- 10% трошоци за ангажирање на стручно лице (технолог за производство на храна)
НАЧИН НА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА
Принцип „Прв дојден, прв услужен“ – сите баратели кои ги исполнуваат условите за доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма и имаат уредна и комплетна документација ќе бидат подредени согласно рокот на доставување на комплетно барање од страна на Комисијата.
Конечната одлука за распределба на средствата ја донесува министерот со Решение на предлог на Комисијата, а врз основа на листата на баратели.
КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА
Земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, кои се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско или неживотинско потекло.
Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка.
НАПОМЕНА: За финансиска поддршка во рамки на овој јавен повик не можат да аплицираат:
- Пчелари, односно субјекти кои се регистрирани со пчелни семејства во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ и регистрирани како производители на мед и производи од мед во АХВ
- Производители на вино регистрирани во МЗШВ
- Производители на пиво и жестоки алкохолни пијалаци регистрирани во Царинската управа
ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Кон барањето за финансиска поддршка, барателот треба да ги достави следните документи:
1. За физички лица:
– копија од важечка лична карта;
– легитимација за регистарски број на одгледувалиште (РБО) издаден од Агенцијата за храна и ветеринарство (доколку се работи за животинско производство);
– изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори;
– доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки;
– деловен план;
– понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план); и
– договор за користење на услуги од стручни лица (доколку барателот предвидува користење на таква услуга).
2. За правни лица:
– тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија;
– изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори;
– доказ од Централен регистар на Република Северна Македонија дека не е поведена стечајна и ликвидациона постапка;
– доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки;
– деловен план;
– понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план); и
– договор за користење на услуги од стручни лица (доколку барателот предвидува користење на таква услуга), освен во случај кога правното лице има вработен технолог.
Барањето за доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма може да се обезбеди преку веб-страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство: www.mzsv.gov.mk
Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот.
Трибината покажа дека има потреба од поголема информираност на земјоделците за да ги користат можностите кои ги нуди државата. Во овој процес веќе се вклучени институциите, вработените во Подрачните едници на МЗШВ, на АХВ како и советници од АПРЗ.