Иран развил крстаречка ракета со дострел од 1.650 километри, според Ројтерс, кој проценува дека тоа е потег што веројатно ќе предизвика загриженост на Западот откако Русија употреби ирански беспилотни летала во војната во Украина.
– Нашата крстосувачка ракета со дострел од 1.650 километри е додадена во ракетниот арсенал на Исламската Република Иран – објави на државната телевизија командантот на Воздухопловните сили на Иранската револуционерна гарда, Амирали Хаџизаде.
Иранската државна телевизија ја објави првата снимка од новата крстосувачка ракета Павех.
Исто така, Хаџизаде зборуваше и за често повторуваната закана на Иран дека ќе се одмазди за убиството на највисокиот ирански командант Касем Сулејмани од страна на САД и најави дека Техеран „планира да го убие поранешниот американски претседател Доналд Трамп“.
Тој рече дека Иран немал намера да убива „сиромашни војници“ кога изврши напад со балистички ракети врз силите предводени од САД во Ирак, неколку дена откако Сулејмани беше убиен од американско беспилотно летало во Багдад во 2020 година.
– Планираме да ги убиеме Трамп и поранешниот државен секретар Мајк Помпео… и воените команданти кои издадоа наредба да се убие Сулејмани, тие треба да бидат убиени – рече Хаџизадех во телевизиско интервју.
Иран ја прошири својата ракетна програма, особено балистичките ракети, и покрај противењето на САД и загриженоста од европските земји.
Пентагон во ноември соопшти дека САД се скептични за извештаите во кои се цитира Хаџизадех дека Иран развива хиперсонична балистичка ракета, според Ројтерс.