Источна и централна Европа, како и Западен Балкан, како дел од источното крило на НАТО е од посебен интерес за Соединетите Американски држави и НАТО.
Во таа насока е и оценката на аналитичарите кои заклучуваат дека последиците од задоцнетите активности и бавните реакции на ЕУ, односно на Берлин и Париз, наспроти визиите на Соединетите Американски држави во однос на безбедносната стратегија во Источна Европа најдобро се гледа на Западен Балкан.
Се чини дека САД формираат посеопфатна стратегија во однос на источното крило, што вклучува поинтензивна соработка со поголемите играчи во регионот – демографски, економски и воени – како што се Полска во Централна и Источна Европа и Србија на Балканот.
Ова е сосема очекувано имајќи предвид дека Вашингтон очигледно не сака да препушти ништо не случајноста или, подобро и покоректно кажано, не сака да нема учество или контрола на стратегијата како ќе се постави западната демократска коалиција на источната граница визави Русија.
Од таа перспектива треба да се гледа и посетата на американскиот претседател Џо Бајхден на Полска, вклучително и „изненадувачкиот“ „дитур“ во Киев.
„Мислев дека е важно претседателот на Соединетите Држави да биде тука на годишнината од војната“, рече Бајден. „Исклучително важно е да нема никаков сомнеж за американската поддршка за Украина во војната“.
Уште истиот ден стана јасно дека патувањето на Бајден е дизајнирано да ја покаже силната поддршка на САД и НАТО за Украина, но и за регионот во клучно време, непосредно пред да започне голема нова фаза на борби на пролет, како што се очекува.
„Посетата на американскиот претседател Џо Бајден во таков клучен момент е шанса за Полска и регионот да покажат лидерство“, изјави за Полската новинската агенција Пола Добриански, поранешна државна потсекретар и експерт за надворешна политика на САД.
Во прилог на тоа дека САД ја преземаат иницијативата во централна и југоисточна Европа е и потврдената намера на САД да создадат постојан штаб за својот Петти армиски корпус во Полска и за дополнително зголемување на бројот на американски војници во земјата во која веќе има 11.000 војници со американска униформа.
Посетата на Бајден само докажа дека Полска стана главната воена база на НАТО во источниот дел на Европа.
Западен Балкан како дел од источното крило на НАТО е од посебен интерес за САД
Ескалацијата на замрзнатиот конфликт меѓу Србија и Косово ја откри уште еднаш бавната ефикасност на ЕУ во медијаторството и со тоа или да ја принуди Србија да го признае Косово или да го принуди Косово да ги почитува своите меѓународни обврски.
Решавањето на прашањето Србија-Косово под менаџирањето на ЕУ, предводено првенствено од Берлин, не ги даде дефинитивните резултати, иако премиерот на Косово Албин Курти остави надеж дека во понеделник, на 27 февруари, ќе се изјасни за најновиот германски-француски предлог за решавање на проблемот којшто досега беше неприфатлив за Косово и длабоко понижувачки за Србија.
И сето ова доаѓа во време кога рејтингот на ЕУ полека се намалува во регионот, па затоа Вашингтон ја презеде и тука иницијативата, не толку во однос на содржината на предлогот на Берлин и Париз, колку што во поттикнувањето на политичката волја кај лидерите во Приштина и во Белград да го прифатат. Американскиот прагматичен пристап не гледа проблем во тоа дека е дојдено време кога на Белград може да му се понуди и дел од пословичниот морков, а не само стап.
САД: Бугарската блокада на евроинтеграцијата на Македонија е неодржлива
За Вашингтон блокадата процесот за евроинтеграција на Македонија од страна на Бугарија е неодржлива и за САД овој став е во континуитет е вклесан во камен уште од првото вето на Софија кое произлезе од декларацијата на бугарското Народното Собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ.
За ваквиот категоричен став САД имаат две причини. Прво, го засега геостратешкиот интерес на САД за стабилен Балкан како регион од источното крило на НАТО, второ, Алијансата, односно Белата Куќа не може да си дозволи уште еден отворен конфликт меѓу две земји членки, како што е спорот меѓу Грција и Турција.
Блокадата на Бугарија во ЕУ е различна од онаа на Грција кога се спореше името на нашата држава и за САД спорот меѓу Скопје и Софија на ниту еден начин не е во согласност со интересите на алијансата, особено заради поуките од војната во Украина и руската агресија во оваа земја со силна радијација во поширокиот источно европски контекст.
Затоа Вашингтон постојано ги повикува Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатерални спорови, затоа што за Стејт Департментот „иднината на Северна Македонија е во ЕУ и САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатланска интеграција на земјата“.
Нема никакво сомневање дека овие пораки на САД се упатени и кон Берлин и Париз, затоа што Вашингтон смета дека иако сите европски земји, освен Бугарија, декларативно, а некои и со конкретни потези, го поддржуваат членство на Македонија во ЕУ, дека тоа не е доволно. Според овие пораки неопходно е Северна Македонија да добие „спонзорска“ поддршка од некоја од земјите членки на ЕУ и да ја застапува во институциите на ЕУ, како Германија во случајот со Хрватска од осамостојувањето на оваа земја во деведесеттите, како и во поддршката за членство во ЕУ во 2013 година.
Исто така, за САД е загрижувачки е и тоа што во Македонија по бугарското вето е падната поддршката за ЕУ на околу 50%, како и предупредувањата дека во регионот е сѐ поизразено влијанието на Русија, и до некаде и на Кина.
***
За оваа анализа остануваат исклучително значајни прашањата зошто САД се поефикасни од ЕУ во спроведувањето на западно-европските политики и вредности во круговите од интерес на стариот континент? Дали заради тоа што ЕУ практикува „мека моќ“, додека САД користат и други, поефикасни методи, како што се листите на корумпирани политичари, на пример?
Една од очигледните причини за изразената американска иницијатива на истокот и во централниот дел на Европа, вклучувајќи го и Западен Балкан, е Русија, која отсекогаш имала отворени апетити за регионот. Оттаму доаѓаат и раширените крилја на белоглавиот орел над источните граници на Алијансата.
Од сѐ поголемото присуство на САД на границите на источно крило на НАТО станува јасно дека Вашингтон не сака такви ризици и затоа презема лидерство и на Западен Балкан, иако и досега ги поддржуваа иницијативите на ЕУ во регионот.