Косовскиот премиер Албин Курти денеска примил заедничко писмо потпишано од францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџа Мелони по повод утрешната средба во Брисел со српскиот претседател Александар Вучиќ. Нова.рс ја доби целосната содржина на писмото упатено до Курти.
Во писмото се наведува дека Макрон, Шолц и Мелони ги поздравуваат неодамнешните изјави на Курти дека е подготвен да го прифати европскиот предлог.
„Имајќи ја предвид вашата претстојна средба во рамките на дијалогот во Брисел на 27 февруари, ви се обраќаме за да можеме заедно да ја разгледаме состојбата на договорот за нови основи на односите меѓу Косово и Србија. Ги поздравуваме вашите неодамнешни јавни изјави со кои се потврдува дека сте подготвени да го прифатите европскиот предлог за Основен договор“, се вели во писмото на тројката испратено до Курти.
Притоа, тие рекоа дека сметаат дека сега е од големо значење да се одреди патот напред со цел да се склучи договорот и да се обезбеди негова имплементација.
„Со заклучоците од 9 февруари, Европскиот совет ја изрази својата поддршка за овој важен договор и во исто време ги повика Србија и Косово да ги спроведат сите обврски преземени во дијалогот, вклучително и оние поврзани со формирањето на Заедницата на српските општини“, се наведува во писмото.
Наведоа дека сите чекори треба да се спроведат без одлагање и дека се радуваат на дијалог на високо ниво на 27 февруари.
„Очекуваме дека ќе се залагате за конструктивно и брзо склучување на договорот. Убедени сме дека тоа е од клучно значење за општата благосостојба на вашите граѓани, за мирот и просперитетот на регионот и за подобрување на европската перспектива на вашата земја“, се заклучува во писмото.