Путин со нова порака до Западот: Се е на хартија

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека плановите на Западот да ја подели Русија се документирани и оцени дека тоа стана единствената цел на Западот.

Во интервју за телевизијата „Русија 1“, Путин рече дека Западот сака да создаде „Московјани, Урал и така натаму“ наместо единствена руска нација и дека таквите планови постојат на хартија, пренесува РИА Новости.

„Едноставно, во услови на градење односи се обидовме да не зборуваме за тоа од, така да се каже, партнерски причини. Но, сè е таму, сè е напишано, сè е на хартија“, рече Путин.

Според неговата проценка, Западот сака да ја подели Русија на различни ентитети за да ги стави под своја контрола.

„Тогаш, можеби, ќе не примат во таканареченото семејство на цивилизирани нации, но само одделно, секој дел посебно“, смета Путин.

Тој посочи дека Русија е принудена да се врати на разгледување на прашањето за нуклеарниот потенцијал на Велика Британија и Франција, бидејќи, како што оцени, НАТО покажа дека претставува воен, а не политички блок.

На прашањето што треба да разберат САД по суспензијата на учеството на Русија во договорот СТАРТ, Путин одговори дека нивна работа е што разбираат, а што не, и дека Русија разбира што треба да направи.

„И ние мора да ја заштитиме нашата земја, да обезбедиме безбедност, стратешка стабилност“, рече претседателот на Русија.

Тој изјави дека не може да замисли американската војска да ги проверува руските нуклеарни постројки додека Вашингтон го поддржува режимот во Киев.

Според неговата проценка, земјите од НАТО се, иако индиректно, соучесници во, како што наведе, „злосторствата“ на режимот во Киев.

„Згора на тоа, кога го прават тоа што го прават денес во Украина, едноставно не можам да замислам американски војници да шетаат по нашите нуклеарни постројки. Тоа е едноставно смешно“, рече Путин.

Треба да знаете
Последни објави