Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека утре во Брисел очекува тешка средба во рамки на дијалогот Белград-Приштина, но државата е посветена на мирот и стабилноста во регионот и дека во тој контекст е подготвен да се работи на концептот и спроведувањето на предложениот план со јасни одредени ограничувања.
Тој ова го нагласил на телефонски разговор со специјалниот советник во американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, кој му рекол дека очекува утрешната средба да биде конструктивна, со забележителен напредок кон договор.
Американскиот дипломат посочил дека САД целосно го поддржуваат предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и дека договорите потпишани претходно во процесот на дијалогот треба да се спроведат, што вклучува и формирање на Заедница на српски општини.
Вучиќ и Шоле разговарале и за европската иднина на Србија, што ја поддржуваат САД, како и за значајните можности за развој на српско-американската соработка на различни полиња, особено на економската, се наведува во соопштението, пренесе Бета.