Земаат лек за дијабетичари за да слабеат, ризикувајќи си го здравјето 

Користат лекови за дијабетичари за слабеење, ризикувајќи го сопственото здравје, а оставаат дијабетичари без лек. Таков е случајот со „оземпик“, лек кој е наменет за лекување на тип дијабет 2, кој многумина го користат за слабеење. Лекот е дефицитарен, а неговата цена достигнува сума околу пет илјади денари. Експертите предупредуваат дека користењето на лекот без консултација на лекар може да предизвика низа негативни ефекти меѓу кои и рак на панкреас. 

Наместо да се консултираат со лекар околу користењето на ваков лек во функција за слабеење, поединци за ова бараат совети на интернет. Така, на еден од интернет форумите се бара совет за инјекциите „оземпик“ кои се користат со боцкање во стомак. Се бара да се сподели искуство и како да се набавки лекот. 

МИА посети неколку аптеки во Скопје и во внатрешноста на државата барајќи го лекот. Ни беше кажано дека лекот е дефицитарен и наменет за дијабетичари, но дека го користат и за слабеење. 

– „Оземпик“ може да се порача, тоа се инјекции, се боцкаат како инсулин, поткожно. Мора да се препишани од лекар, со рецепта. Може да се користи и за слабеење, но немој, ќе ти го блокира цел организам. Мора да биде во консултација со лекар, ни одговорија во една од аптеките.  

Цената е околу пет илјади денари, а во една од аптеките ни рекоа дека има интерес за овој лек.

– Нема за нарачка, инаку држиме да, моментално се дефицитарни. За дијабетичари е, но го користат и за слабеење многу. Ставаат по малку инсулин, повеќе време е активен инсулинот, го забрзува метаболизмот. Го нема веќе два – три месеци. Зголемена е побарувачката насекаде во светот. Наеднаш стана популарно. Најверојатно ги потрошија залихите. Не мора рецепта, ако се има препорака од лекар, изјавија во една од аптеките.  

Телефонски се јавивме и во една компанија од фармацевтскиот сектор.  

– Никаде нема „оземпик“, во ниту една наша аптека. Имаше првична најава дека ќе стигнат во средината на јануари, меѓутоа ништо од тоа. Сега засега немаме никаква информација. Претходно го имавме. Го нема, можеби од пред Нова Година. Цената беше околу пет илјади и четиристотини денари, посочија од компанијата.

Земањето лекови на своја рака предизвикува негативни ефекти по здравјето

За тоа кои се несаканите ефекти на семаглутид („оземпик“) ако се користи за слабеење одговор побаравме од д-р Даниела Настеска, истражувач во Центарот за дијабет, метаболизам и ендокринологија, на Универзитетот на Оксфорд во Обединетото Кралство. 

– Тој се дава во склоп на другата терапија и делува на клетките што прават инсулин, со цел да го зголеми правењето на инсулин, а помага и во подобро преживување на тие клетки и во нивно зголемување, што е важно за нивната нормална функција. На ниво на мозокот на пример, делува во поглед на намалување на апетит и заштита на извесни нервни клетки. Понатаму, го забавува празнењето на стомакот, што исто така има влијание во поглед на намалување на апетит, а има ефекти на срце, на мускули и на други делови од човечкото тело. Еден од најсериозните и најдобро документирани несакани ефекти е појавата на рак на панкреас, појаснува Настеска.  

Напомена дека тоа е еден од најсмртоносните типови на рак.  

– Мислам дека овие лекови дојдоа во поширока клиничка употреба за првпат околу 2009, 2010 година. Различни ретроспективни клинички студии укажуваат дека извесен процент од следните пациенти со тип два дијабет развиваат рак на панкреас по извесен период на користење на семаглутид. Зошто? Иако причините за овој ефект сѐ уште се истражуваат, тие имаат врска со нормалното делување на лекот. Споменав дека лекот ги зголемува клетките и со тоа ја подобрува нивната функција. Сепак, со самото тоа, ја притиска клетката да расте повеќе од нормала и ги нарушува нејзините нормални регулаторни механизми. Клетките добиваат сигнал „да прават повеќе инсулин“, но и да „растат и да се зголемуваат“. Ова се воедно некои од начините или основата на развивање на рак. Рак се развива кога клетките на човечкото тело, било каде, ќе излезат од контрола и не ги следат нормалните регулаторни механизми, туку неконтролирано растат, се размножуваат и агресивно ја уништуваат околината, посочува Настеска.

Според неа, станува збор за комплициран лек што делува на повеќе нивоа. Според индикациите, со користење на лек од ваков состав, како што објаснува Настеска, можни се и други нус појави. На пример, одреден процент на пациенти може да развијат и воспаление на цревата.  

– Овој лек всушност имитира хормон што нормално се создава во нашето тело. Дијабетичарите го немаат во доволна количина и има смисла да користат ваков лек. Здрави луѓе, кои веќе го прават овој хормон во нивното тело и дополнително земаат лек што го имитира неговото дејство, ги нарушуваат неговите нормални начини на делување, отворајќи можности за здравствени нарушувања, предупредува Настеска.  

Нема магични пилули или инјекции, вели Настеска, употребата на семаглутид („оземпик“) за лекување на тип дијабет 2 е основана само кога е во склоп на промени во човечкото однесување, начинот на исхрана, физичката активност и заедно со останатата терапија препишана од лекар специјалист.  

Вели дека лекот треба да се резервира за луѓе кои имаат дијабет 2 и кои имаат телесна тежина над 150 килограми. 

– Да остане таа мала количина од лекот за нив, наместо да го земаат луѓе коишто ги немаат овие проблеми, би рекла, да го земаат од „фискултурни причини“, категорична е Настеска.  

Критериумите за „совршеноста“ на женското тело произлегуваат од модните трендови

Според Николина Ивановска Котевска, професор по психологија во скопската гимназија „Никола Карев“, критериумите за „совршеноста“ на женското тело и видовите на растројства во исхраната, произлегуваат од модните трендови што ги пласираат најчесто видни и значајни жени и мажи.

– Младите многу време од денот поминуваат на социјалните мрежи. Тоа што социјалните медиуми го пласираат во најголем дел од случаите, да не генерализирам дека се сите, е фотошопирано. Денес највлијателните луѓе, вклучувајќи ги и новосоздадените „инфлуенсери“, се разликуваат „во живо“ и на фотографија. Она што младите го перцепираат е токму таа фотографија, па оттука и самата реалност ја перцепираат различно од она што е таа навистина. Воедно, она што се постира на социјалните мрежи нема скоро никаква контрола, па секој може да си дава одредени препораки и да пласира стилови на исхрана, вклучувајќи и пиење диуретици како дел од процесот на слабеење, па сѐ до „јадење памук“, што е сериозно опасно и со фатални последици, децидна е Ивановска Котевска.  

Таа го посочува и таканаречениот „Барби“ синдром, прикажување на нечии животи како најсовршена форма преплавена од луксуз, далеку од она што навистина е во реалноста, па нагласува дека ова дополнително ги збунува младите и ги искривува нивните вредности. 

– Денес и од аспект на родители и како педагози, наставници и психолози, за жал покажуваме дека не сме доволно подготвени да превенираме и да се справиме со одредени психолошки абнормалности кај нашите деца, особено со концептот за физичкиот изглед и сликата за себе. Ова прашање бара сериозни предзнаења кај секој еден од нас за тоа што нашите деца следат на социјалните мрежи, знаења за тоа како некој нов тренд влијае врз нивното здравје. Да процениме колку нашите деца и млади се способни да направат разлика на свесно ниво за реалноста наспроти социјалните медиуми. Па она што би ни било неопходно да го преземеме е токму таа контрола и превенирање. Потребно е отворено да се говори на оваа тема, да се обучуваат стручните служби во училиштата, да се обучуваат родителите и многу да се разговара со децата и младите. Отсекогаш младите се впуштале во одредени методи за формирање на сопственото тело кои вклучувале и одредени ризици по нивното здравје, но разликата меѓу минатото и денешното време, е, што денес контролата врз веродостојноста и научниот аспект на достапните и брзи информации кои тие ги користат, скоро и ја нема, истакнува Ивановска Котевска.  

Лекот е регистриран во земјава, се издава со лекарски рецепт

За тоа како е регулирана употребата на овој лек во земјата, МИА побара одговор и од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.  Оттаму ни одговорија дека лекот е регистриран во нашата земја, но дека се издава само со лекарски рецепт. Според МАЛМЕД, во земјава не е евидентиран случај на издавање на лекот без лекарски рецепт.

– Ве известуваме дека истиот е регистриран во нашата држава за индикација: третман на возрасни со недоволно контролиран дијабетес мелитус тип 2, како надополнување на исхраната и физичката активност. Лекот може да се издаде само на лекарски рецепт. При редовните инспекциски контроли, што се вршат од страна на МАЛМЕД, а поврзано со издавањето на лекови, не е евидентиран случај на издавање на лекот „оземпик“ без лекарски рецепт, се наведува во писмениот одговор од МАЛМЕД.

Треба да знаете
Последни објави