Евроазиската унија или БРИКС не се алтернатива за Македонија, нашата трговска размена со ЕУ е 25 пати поголема од онаа со Русија

Своето место во БРИКС Москва го користи максимално за да изгради проруски или антизападни  чувства меѓу земјите членки на оваа заедница, како и во земјите кои гравитираат кон неа.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Со почетокот на војната во Украина, она што можеше да се забалежи како дел од пропагандата, а со тоа и со пласирањето на дезинформации од страна на Москва, беше нагласеното инсистирање фокусот на меѓународната јавност да се сврти на БРИКС.

Ова за Русија стана исклучително важно откако ги почувствува сите сериозни последици и ризици од економските и политичките санкции и кога, за дел од решенијата, побара излез во поголема комуникација и соработка со земјите членки на БРИКС, како и во индоктринацијата на останатите земји под влијание на Кина, Русија, Бразил Индија и Југоисточна Африка, јадрото на БРИКС.

Своето место во БРИКС Москва го користи максимално за да изгради проруски или антизападни  чувства меѓу земјите членки на оваа заедница, како и во земјите кои гравитираат кон неа.

Трансмитерите на пропагандата на Русија за БРИКС во Македонија

Трансмитерите на пропагандата на Русија за БРИКС во  Македонија се неколку политички структури, меѓу кои Левица, која како парламентарна партија ги користи сите расположиви комуникациски канали и алатки за оваа намена.

Кога станува збор за Левица и за нејзиниот лидер Димитар Апасиев, воопшто не е тешко да се види нивната про-руска, анти-ЕУ и анти-НАТО позиција, како и тенденцијата кон БРИКС.

Во екот на руската воена агресија врз суверена Украина, кога целиот свет воведе политички санкции кон Русија, во Собранието на Северна Македонија пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов остварија „деведесетминутна“ средба со рускиот амбасадор во нашата земја Сергеј Баздникин, којашто поминала во „срдечна и пријателска атмосфера“.

Три месеци подоцна Левица, овој пат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, ги организираа протестите против „францускиот предлог“ и тогаш лидерите на иоваа партија излегоа со став дека „ЕУ не е толку примамлива“ и дека постојат многу алтертнативи, како Движењето на неврзаните, БРИКС, Европската економска заедница, иницијативата „Појас и пат“ и дека сите концепти се отворени како и тој за Евро-азиската Унија.

И помалку влијателни ама многу упорни структури ги застапуваат овие идеи како што е партијата „Единствена Македонија“, која во својот проглас запиша дека е за остварување на стратешки сојуз со Русија и членство во Евро-азиската унија, односно во БРИКС.

„Движењето Бојкотирам“, коешто во 2018 година беше ударната тупаница против референдумот за името и за членството во НАТО и ЕУ, во нивниот видео подкаст под наслов „Имаат ли #Македонците избор? #ЕУ или #Брикс?“ агитираат токму на темата БРИКС.

Од прегледот на достапните извори пребарувани преку Гугл, во Македонија  медиумите многу малку пишуваат за БРИКС низ еден темелен пристап со објективизирана темелна аналитичност за политичките, па и за економските вредности на оваа заедница. Најчесто станува збор за вести поврзани со одржувањето на поголемите самити или конференции на БРИКС.

На пример, ќе напишат дека БРИКС најавува сопствена валута да му конкурира на американскиот долар, иако оваа најава се рециклира уште од 2014 година кога беше основана Новата развојна банка на БРИКС (The New Development Bank), а нема да најдете податок дека „капиталот“ на Новата развојна банка на БРИКС (The New Development Bank), изнесува 100 милијарди долари, додека капиталот на Меѓународниот монетарен фонд изнесува речиси 700 милијарди долари.

Дури и оние ретки текстови, кои имаат некаков пристап на продлабочена анализа се повторно рефлексија на големите настани на БРИКС, но кога ќе ја прочитате биографијата на авторите, станува јасен аголот на овие статии кои оддишуваат со афирмација за оваа економска и политичка заедница.

Одвреме-навреме текстови за БРИКС со „аналитички“ пристап во македонските медиуми потпишуваат вработени во амбасата на Руската Федерација во нашата земја.

За да ги пласира сопствените пропагандистички ставови, меѓу другото и за БРИКС, амбасадата на Руската федерација максимално ја користи својата Фејсбук страница, каде што ќе најдете и вакви пораки: „Денешната реалност е мултиполарност. Москва, заедно со нејзините партнери од БРИКС, претставуваат атрактивна алтернатива на озлогласениот западен ‘светски поредок заснован на правила“.

Eкономската размена на Северна Македонија со ЕУ е 25 пати поголема од таа со Русија

На приказните за наводните источни алтернативи за нас како држава и за целиот регион се освернува нациоаналниот координатор за Отворен Балкан Марјан Забрчанец во својата анализа Руската војна против Украина ја запечати западно-европската иднина на Западен Балкан.

Забрчанец за тие „алтернативи“ нагласува дека „тие не само што не се издржани, туку се и опасни ако се има предвид дека ние и историски и географски припаѓаме во Европа и дека во повеќе наврати нашиот народ ја потврдуваше својата европската и евроатлантската стратешка ориентација“.

„Дека ниту Русија, ниту Кина не можат да бидат алтернатива за нашата иднина говори фактот што од т.н. Исток или од т.н. Евро-Азија не сме добиле ништо во споредба со она што ЕУ веќе ни го испорачува и ни го нуди – милијарди евра директна помош, поддршка на институциите, европски стандарди за подобар живот на граѓаните. Сето ова ни го нуди и ни го обезбедува токму Западот, не Истокот“, пишува во својата анализа Марјан Забрчанец.

Оттаму, за тоа дека наша единствена економски исправна перспектива се демократијата и Европа говорат и податоците за трговската размена меѓу Северна Македонија со ЕУ и Русија.

Според Државниот завод за статистика, вкупната трговска размена во 2022 година (вкупна вредност на увозот и извозот) меѓу Северна Македонија и ЕУ изнесуваше 12 милијарди и 127 милиони евра, додека пак размената со Русија изнесуваше 470 милиони евра, што е за 25 пати помала економска размена во споредба со онаа со ЕУ. Кога е во прашање економската размена на Северна Македонија со Кина, таа е за 12 пати помала од онаа со Европската Унија. Трговската размена со САД е од два до четири пати поголема по сите основи во споредба со напшите трговски врски со Руската Федерација.

БРИКС во иднината наспроти Г7, ЕУ, САД и НАТО

Иако БРИКС е убедливо најбројна според популацијата со 3,22 милјарди луѓе, наспроти земјите на Г7 (САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Канада) како економски пандан на БРИКС со 775 милиони жители, разликата меѓу БРИКС и Г7 е сѐ уште голема во однос на економската моќ. Во 2021 година бруто домашниот производ на БРИКС избесувал 24,44 трилиони долари, наспроти двојно повеќе големиот БДП на Г7 кој во истата година изнесувал 45 трилиони долари. 

Освен тоа, аналитичарите укажуваат и на големите разлики на амбициите и на природата на тие амбиции на дел од земјите членки на БРИКС, особено на оние на Кина и Русија, па и на Индија.

Постои извесна загриженост и од пројавените амбиции БРИКС, наместо  економски клуб, кој сака да влијае на глобалниот раст и развој, да прерасне во политички. Оваа загриженост доаѓа заради фактот дека – со делумен исклучок на Јужна Африка, сите останати земји на БРИКС во изминатата деценија станаа доминатно авторитарни демократии, ако воопшто и може да се зборува за демократија во Кина како еднопартиска држава. Сепак, како исто толку значајно, ако не и повеќе, е и тоа дека на БРИКС му недостасува институционална структурираност за ефикасно спроведување на амбициите, бидејќи за заеднички политики уште не станува збор. За разлика од Г7, НАТО и ЕУ, каде институционалниот систем е веќе одамна утврден во темелите на нивното организирање, како и вредностите што ги обединуваат земјите членки врз основа на кои ги градат и спроведуваат заедничките политики. 

Извор: Рацин

Треба да знаете
Последни објави