Италијанската полиција во градот Бреша денеска соопшти дека запленила повеќе од 170.000 евра од екстремно десничарската пратеничка во Европскиот парламент (ЕП) Стефанија Камбели, како дел од истрагата за злоупотреба на средствата од ЕУ наменети за нејзините парламентарни асистенти.
Властите минатиот четврток запленија банкарски сметки и луксузни автомобили како дел од истрагата во рана фаза, водена од Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) во Милано.
Истрагата се фокусира на четворица асистенти кои работат во Италија за Камбели, која е првпат член на Европскиот парламент од екстремно десничарската партија Северна лига во рамките на пошироката група „Идентитет и демократија“ во ЕП и е членка на комисијата за вработување, објави Политико.
Портпаролот на ЕППО рече дека случајот не е поврзан со „Катаргата“, посебен корупциски скандал што го потресе ЕП.
Според италијанскиот закон, не беше неопходно да се одземе пратеничкиот имунитет на Камбела за да се изврши заплената, рече портпаролот.
Не беа поднесени формални пријави, а четворицата вработени не вршеа активности поврзани со функциите за кои беа ангажирани, или ги извршуваа само делумно, лажно документирајќи ги нивните активности до ЕП, се вели во соопштението на ЕЈО.
Се посочува дека Камбели била во роднинска врска со најмалку едно од четирите лица кои ги вработила и дека таа имала директна корист од измамата.
Камбели на Фејсбук напиша дека ниту таа, ниту нејзините колеги не направиле ништо незаконско, наведувајќи дека нивната работа секогаш била обележана со најголема лојалност и транспарентност кон институциите и колективот.
Камбели поголемиот дел од својата кариера како локален политичар го помина во градот Сало во Ломбардија, каде што беше заменик градоначалник, а неодамна неуспешно се обиде да биде член на регионалниот совет во Ломбардија.