Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, при вечерашното продолжение на дебатата во Парламентот, зборуваше за постигнувањата во енергетскиот сектор и во покачувањата на платите за време на оваа Влада.
„До минатата година кога јас станав премиер точно е дека се увезуваа 30% струја до 35%, сега ако ги погледнете податоците за овој јануари се увезуваат 18%, 83% од домашно производство бидејќи домашното производство е зголемено за 40% во однос на предминатата година.
Кога зборуваме за инсталиран капацитет само минатата година во државата се инсталирани 152 мегавати капацитети за производство на електрична енергија кое што е еднакво на капацитетите кои што се градени со години и тоа Козјак, Св. Петка и ветерниот парк Богданци која што електрична енергија може да снабдува и снабдува пет градови во Македонија со електрична енергија.
Што се однесува до платите, да ви кажам само неколку податоци. Во 2012 година просечната плата била 20.900 денари, минималната плата 8.050 денари. Биле потребни 4 просечни плати за покривање на минималната кошничка во години кога нема војна и кога нема инфлација предизвикана од воени дејствија во најголемата житница во Европа.
Во 2013 година просечна плата 21.000 денари, потребни 4 просечни минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка, бидејќи и тогаш е 8.050 денари минималната плата.
Денес 34.000 денари просечна плата, минимална плата 18.000, со што ќе стане над 20.000 денари просечната плата во март и потребни се 2,4 минимални плати покривање на потрошувачката кошница во услови на инфлација предизвикана од војна во Украина”, рече премиерот Ковачевски.