Турција најави продолжение на преговорите со Финска и Шведска за влез во НАТО

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу најави дека разговорите со Шведска и Финска за нивната кандидатура за членство во НАТО ќе продолжат на 9 март. Кон крајот на јануари Турција ги прекина преговорите со двете земји и го одложи трипартитниот состанок предвиден за февруари по неколкуте демонстрации против Турција и исламот во кои лидерот на данската екстремнодесничарска политичка партија Расмус Палудан запали копија од Куранот пред турската амбасада во Стокхолм.

Чавушоглу додаде дека Шведска сè уште не ги исполнува своите обврски од меморандумот потпишан на самитот на НАТО во Мадрид минатиот јуни, иако генералниот секретар на НАТО и другите сојузници рекоа дека Стокхолм ги променил своите закони.

САД и другите членки на Алијансата се надеваат дека двете нордиски земји ќе станат членки на НАТО на самитот на 11 јули во Вилнус.

Треба да знаете
Последни објави