Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска во Брисел се сретна со премиерот на Косово Албин Курти, во рамки на новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, јави Бета.
На веб-страницата на ЕУ беше објавено дека Борел ќе се сретне со Курти во 15 часот, а со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во 16:15 часот. За 17:15 часот беше најавена заедничка средба на Борел, Вучиќ и Курти.
Според соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), главна тема на денешната рунда дијалог е „Предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, познат и како француско-германски план.
Во време на разговорот меѓу Борел и Курти, Вучиќ во Брисел се сретнал со Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, јави Јуронуз Србија.
Портпаролот на Европската комисија Петер Страно денеска на прес-конференција изјави дека денешната средба меѓу Вучиќ и Курти „не е последна средба“.
– Лидерите на Србија и на Косово се обидуваат да одат чекор по чекор за да ги решат сите отворени прашања што водат до сеопфатен договор за нормализација на односите. Очекуваме двете страни, нивните лидери, главните преговарачи и нивните претставници да покажат европско однесување и да најдат политичка сила, храброст, подготвеност за европски компромис во корист на нивните граѓани и за нивната европска перспектива, потенцираше Стано.