Сопругот на манекенката од Хонг Конг и неговите родители се обвинети за нејзиното убиство. Тие денеска се појавија пред суд, откако полицијата пронашла делови од нејзиното распарчено тело, објави јавната телевизија RTHK.
Нејзиниот поранешен сопруг Алекс Квонг (28), неговиот брат Ентони (31) и нивниот татко Квонг Кау (65) се обвинети за нејзиното убиство. Мајката на Алекс, Џени Ли (63) беше обвинета за попречување на правдата, додаде РТХК.
Ним им беше одбиена кауцијата и допрва треба да поднесат жалба, додава Си-Ен-Ен.
Инспекторите вчера идентификуваа череп, неколку ребра и коса во голем сад за супа од нерѓосувачки челик за кој се верува дека се остатоци од манекенката, соопшти полицијата. Други делови од телото, вклучително и нејзиното торзо и раце, сè уште се водат за исчезнати.
Чои беше пријавена за исчезната во средата, по што следеше полициска истрага. Два дена подоцна, делови од нејзиното тело биле пронајдени во куќа во областа Таи По, соопшти полицијата. Во куќата биле пронајдени и ножица за месо, електрична пила и облека, соопшти полицијата.
Нејзиниот поранешен сопруг бил уапсен во саботата на ферибот на еден од островите во градот, соопшти полицијата. Неговиот брат и родителите беа уапсени во петокот.
Во врска со случајот во неделата беше уапсена петтоосомничена, 47-годишна жена.
Чои, модел и инфлуенсер со повеќе од 100.000 следбеници на Инстаграм, неодамна се појави како дигитален модел на насловна страница на луксузниот магазин L’Officiel Monaco и присуствуваше на овогодинешната модна недела во Париз.
Судот го одложи случајот до 8 мај за да овозможи понатамошна полициска истрага, објави РТХК.