Џејмс Халси (32) за малку ќе го загубел животот на автопат во Калифорнија кога преживеал четири сообраќајни несреќи за еден час.
Тој се присети на минетонеделните случувања на снежниот автопат „Големата мечка“ од каде што се враќал кон својот дом кога неговиот автомобил почнал да се лизга по удолнината.
„Забележав автомобил кој доаѓа од спротивниот правец. Се излизгав наназад и ја дупнав предната гума“, изјави Халси за ABC 7, пренесе „Дејли мејл“.
Додека чекал шлеп-служба, мажот излегол надвор каде бил удрен од друг автомобил. Возачот го видел Халси од страната на автопатот и се упатил да му помогне.
„Како да летнав во воздухот во еден миг и паднав под автомобилот“, се сеќава Халси. „Станав и видов дека моите раце се исечени и изгледаат доста лошо“, рече тој.
Додека ги обвиткувал рацете со маицата на другиот возач, животот на Халси повторно му поминал пред очите. Го удрил автомобил што возел по угорницата и тој се нашол приклештен помеѓу две возила.
„Пред болничарите да стигнат таму, друго возило влета и ме удри“, се сеќава тој на третиот инцидент.
Влегол во возилото на брзата помош и помислил дека се’ e готово, но тогаш автомобил удрил во комбето.
Халси бил потресен од четирите инциденти и не памети дали биле повредени други лица. Тој се здобил само со повреда на раката и можел да ја напушти болницата два часа подоцна.
„Господ ме чувал. Дури и болничарите беа изненадени како сè уште сум жив“, рече Халси.
„Навистина верувам дека сум многу благословен и фаворизиран од Бога. Мислам, навистина верувам дека ме заштити“, додаде.